Швајцарското сирење без дупки се нарекува „слеп Швајцарец“. Ако видите сирење означено како „швајцарско“, а нема дупки, тоа не е вистинско швајцарско сирење и нема да го има вкусот или текстурата што ја барате, вели Марк Џонсон од Центарот за истражување млечни производи при Универзитетот на Висконсин во САД
Швајцарското сирење има цврста, тврда маса, сладок вкус, а многу малку сол во споредба со другите сирења… Но, се чини, најпознато е по своите дупчиња.
Марк Џонсон од Центарот за истражување млечни производи при Универзитетот на Висконсин во САД, потсети дека ова сирење првпат е направено во 14. век, на Алпите во Швајцарија.
Тоа е тврдо сирење со долг рок на траење и лесно можело да се пренесува по планините каде што се произведувало. Сепак, денес, називот „швајцарско сирење“ не се однесува на тоа од каде доаѓа сирењето, туку на видот – на тоа како се произведува сирењето, објасни д-р Џонсон.
Производителите на ова посебно сирење ја користат бактеријата „Propionibacterium shermanii“. Таа ја ферментира млечната киселина, произведувајќи јаглерод-диоксид, кој на одредени делови се собира и создава големи меурчиња. Така настануваат дупките.
– Швајцарското сирење без дупки се нарекува „слеп Швајцарец“, и тоа се смета за недостаток. Ако видите сирење означено како „швајцарско“, а нема дупки, тоа не е вистинско швајцарско сирење и нема да го има вкусот или текстурата што ја барате, нагласи стручњакот.
Според него, ниту едно друго сирење не ја користи таа техника, освен швајцарското сирење и неговите специфични брендови.