Калинката ми падна, некој ми ја грабна…

Фото: Unsplash
74

Топчето ми падна, Калинка го грабна, дај ми го Калинке, не ти го давам, ќе го продадам за два-три гроша, Калинка е лоша. Ја памтите оваа песничка? Бидејќи лошата Калинка во песната може да ви буди лоши асоцијации за овошјето, смисливме една поинаква… Би била вистинска штета да не јадете калинки со оглед на тоа што речиси и да нема состојба каде тие или сокот од калинка не ги покажале своите лековити ефекти

Топчето ми падна, Калинка го грабна, дај ми го Калинке, не ти го давам, ќе го продадам за два-три гроша, Калинка е лоша. Ја памтите оваа песничка? Арно ама, бидејќи лошата Калинка во песната може да ви буди лоши асоцијации за овошјето, смисливме една поинаква…

Калинката ми падна, некој ми ја грабна, дај ми ја, дај ми ја, сакам да ја јадам или сок да си направам, за да бидам здрава…

Ако во таа стара детска песничка, Калинка е некое лошо девојче, оваа придавка не важи за овошјето. Напротив, калинката е еден од оние суперхерои меѓу овошките кој има одлични ефекти врз здравјето на организмот во која било здравствена состојба.

Студиите покажуваат дека содржи богатство на антиоксиданти, а зголемената консумација е поврзана со подобрен кардиоваскуларен статус, забавување на загубата на ‘рскавицата што може да го забави артритисот, како и корисни ефекти врз простатата, крвниот притисок, Алцхајмеровата болест, плодноста и стареењето.

Содржи изобилство на витамин Ц и поголема количина на фолна киселина и витамини А и Е, а калиумот зазема посебно место меѓу минералите.

Сокот содржи три вида полифеноли – танини, антоцијанини и елагична киселина, многу моќни форми на антиоксиданти кои ги штитат клетките на молекуларно ниво од деструктивните ефекти на слободните радикали. Калинката содржи повеќе антиоксиданти од брусницата и портокалот, а само една калинка има три пати поголем антиоксидативен потенцијал од црвеното вино и зелениот чај. Овие состојки брзо се апсорбираат од дигестивниот систем и не се токсични.

Речиси и да нема состојба каде калинката или сокот од калинка не ги покажале своите лековити ефекти: тие можат да помогнат во борба против анемија, рак на простата, срцеви заболувања, да го намалат нивото на ЛДЛ (лошиот) холестерол, да имаат корисен ефект врз дијабетесот и лимфомот.

Сокот од калинка го запира природниот процес на стврднување на sидовите на крвните садови. Има антибактериски и антивирусни својства, што помага во зачувување на забите.

Исто така, ја намалува синтезата на естроген во телото и може да помогне во лекувањето на рак на дојка. Пронајдена е состојка во екстрактот од калинка која дополнително се испитува поради можниот потенцијал во заштитата од карцином на кожа.

Сега е сезона на калинки

Калинката зрее на почетокот на есента и е достапна до јануари.

Калинката се смета за еден од првите култивирани плодови заедно со маслинките, грозјето, смоквите и урмите.

Со векови била симбол на здравје, плодност, имала мистични лековити својства, но и практична примена како боја или украс.

Своето место го наоѓа во бројните митови и уметнички дела, од Рафаел до Сезан, од Хомер до Шекспир.

Тајните на калинката

Калинката нема несакани ефекти и може да се јаде во речиси неограничени количини.

Секое овошје е извор на богатство на фитонутриенти, а ако се јаде свежо, поволните ефекти врз здравјето се поголеми и посилни.

Се препорачува да се консумира сирова калинка за подобра употреба на антиоксидантите, како дел од балансираната исхрана, а исто така и доколку имате проблеми со апетитот, утринската мачнина и воспаление на грлото.

Се покажало дека калинката им помага на луѓето со астма, бидејќи високото ниво на витамин Ц има силни антиинфламаторни ефекти.

Калинките можете да ги чувате на собна температура, но не директно на сончева светлина. За подолго чување може да се чува во фрижидер, а самите зрна може да се чуваат во фрижидер или замрзнувач во пластични кеси.

Сокот од калинка е патот до витка и здрава линија

Сокот од калинка е одличен помагател во отстранувањето на насобраните вишок килограми на половината и стомакот, особено кај мажите, откриле британски експерти. По само еден месец секојдневно пиење сок од калинка, учесниците во студијата биле помалку склони кон развој на масни клетки на стомакот, имале понизок крвен притисок, а со тоа и помал ризик од срцев и мозочен удар и болести на бубрезите, откриле истражувачите од Универзитетот во Единбург. Тие веруваат дека сокот од калинка може да им помогне на милиони жени и мажи да се ослободат од непријатниот појас на стомакот и е особено ефективен кај мажите.
Експертите веруваат дека сочниот сок ја намалува количината на специфична масна киселина во крвта, што е директно поврзано со таложење маснотии на стомакот, како и со зголемен ризик од срцеви заболувања и дијабетес тип два.

Ова овошје содржи три пати повеќе антиоксиданти од зелениот чај или црвеното вино. Антиоксидантите се клучни во борбата против слободните радикали кои ги уништуваат ДНК и клеточните мембрани. Штетата направена од радикалите резултира со разни болести, вклучувајќи рак.

Калинката е исто така ефикасна во лекување на остеоартритис, а пиењето на сок од калинка за време на бременоста го штити мозокот на новороденчињата за време на трауматско раѓање, покажало истражувањето.

Наједноставните начини за да ги извадите зрнцата од калинката е оној кога полека со нож треба да ја засечете на половина, а потоа, секоја од половините завртени наопаку над некој сад, треба да ги чукате, на пример, со дрвена лажица. Зрнцата сами ќе паднат во садот.

Сепак, наједноставно е да ја консумирате како сок такашто само ќе го преполовите плодот и ќе го исцедите на ист начин како и лимоните.