Кари: Невообичаени зачински билки

111

Ако случајно поминете покрај продавачите на цвеќиња и билки и тие ви понудат билка-кари, не се збунувајте. Освен мирисот, нема друга врска со мешавината од зачини позната под ова име, но со неа добивате две во едно: иглолисно убаво и ароматично растение и зачин кој се користи слично како ловоровиот лист, а мириса на кари

Растението Helichrysum Italicum, кое го нарекуваат и кари билка (всушност, најпознато како смиљ), го добило името (кари) поради неговиот карактеристичен опоен мирис, кој потсетува на зачинот кари. Дури, неодамна, на еден од нашите пазари, ни го нудеа токму како кари билка, па успеаја целосно да не збунат.

Мирисот на оваа билка особено се шири во лето, на силна сончева светлина.

Може да се почувствува и кога стоите до него или кога лесно ќе поминете со раката преку иглестите сребрено-зелени листови.

Доколку сте љубители на индиската кујна и на мешавината од зачини позната како кари, ова растение едноставно ќе ве воодушеви.

Во текот на летото цвета со мали златно-жолти цветови кои можат да се користат како суво цвеќе за аранжирање на суви букети.

Во повеќето области ова декоративно растение се одржува во текот на целата зима и ги задржува игличките, а на пролет може да се ишиша и до неколку сантиметри над земјата, за да се добие

побогата и подебела грмушка за новата сезона, слично на тоа што се прави со лавандата.

Шишање не е потребно секоја година.

За што се користи?
Освен мирисот, растението нема никаква врска со зачинот кари.

Најчесто се користи за киселење на краставички или како додаток за чатни.

Поради ароматичноста се додава во супи од зеленчук и други чорби, а самите иглички не се јадат туку се процедуваат, како што правиме со ловоровите листови.

Игличките може да се стават и во водата во која се готви оризот, со што оризот ќе добие убав мирис на кари.

Растението може да се користи и како додаток на чаеви.

Цветот на билката се користи за подготовка на кари ракија, такашто цветот се прелива со ракија {околу десет цветови и 0,7 л ракија} и се остава да отстои до петнаесет дена, потоа се цеди и по две недели кари ракијата е подготвена.

Инаку, маслото од ова растение кое е најпознато како масло од смиљ, се користи и во фармацевтската индустрија, ги смирува изгорениците и пукнатините на кожата, а се користи и во некои креми против брчки.

На Кипар ова растение е многу распространето, а луѓето веруваат дека кога растението ќе почне да

мириса силно, значи дека ќе врне дожд, како и дека ги намалува лузните кога се става врз раната.