Кимчи на македонски начин: Нема ништо како гравче-тавче и кисела-слатка-лута салата

393

Има ли нешто поубаво од гравче-тавче со салата, по можност, некоја ваква, ем свежа, односно, сирова, ем кисела и лута….

Кимчи е традиционален корејски гарнир направен од солени и ферментирани зеленчуци и е еден од главните елементи на корејската кујна. Постојат безброј различни видови на кимчи и различни региони во Кореја имаат свои уникатни рецепти во кои се користат различни состојки и методи.

Се смета за здрава, економична и разновидна храна. Подготовката на зеленчук може да потрае малку време, но процесот на ферментација не бара никакви активности освен – чекање.

Арно ама, ако сте од оние на кои кога нешто ќе им се пријаде, не им се чека ниту пет минути, тогаш можете да си направите кимчи и да го консумирате веднаш. Секако, во овој случај, односно кога сакате да го јадете веднаш, тоа нема да ферментира и нема баш многу допирни точки со корејското кимчи, ама е сепак вкусно и здраво.

Состојките може да варираат, но обично вклучуваат некоја комбинација од зеленчук, лук, ѓумбир, чили пиперки, сол и, по желба, сос од риба. Смесата се кисели и ферментира, слично како што го правиме ние тоа со зелката за во зима.

Токму така, зелката е најчестиот зеленчук што се користи и за правење кимчи, но често се користат и моркови, ротквици, краставици и млад кромид. Рецептите за кимчи варираат во зависност од регионот, но и сезоната во која се подготвува, 

А еве како ние си го направивме нашето македонско кимчи наместо салата, за онаа убава комбинација со гравче тавче.

Состојки:

1/2 главица зелка
3 чешниња лук
1/2 главица црвен кромид

две млади кромитчиња
1 лажичка сол

2 лажички шеќер

2 лажички црвен пипер (по желба, лут)

сок од 1 лимон

масло од сусам или сончогледово масло

пропржен сусам за поросување

Начин на приготвување:

Прво исечкајте ја или изрендајте ја зелката како за салата, додадете сол и изгмечете ја за да може да пушти повеќе вода. Секако, рацете треба да бидат чисти или пак користете ракавици. 

Потоа, додадете ги и останатите состојки, освен сусамот кој се поросува сосема на крај, пред послужување. Исто така, ние си додадовме и малку исечкан свеж магдонос.

Ако пак имате време за чекање и сакате да приготвите вистинско кимчи, тогаш оставете го да ферментира 2-3 дена, а потоа преместетете го во фрижидер.

За гравчето си знаете. Ставете го да кисне преку ноќ. Откако ќе зоврие, фрлете ја првата вода и додадете 2 пиперки, 2 моркови и кромид. Кога ќе омекне зеленчукот, извадете го и згмечете го. Пропржете едно стапче праз, 3-4 чешниња лук и црвен пипер, вегета, сол, нане, магдонос и рузмарин по вкус. Варете го гравчето додека да омекне, а потоа префрлете го во земјени садови, додадете го приготвениот згмечен и зачинет зеленчук и ставете го во рерна да се запече.

И најубаво е со домашен леб, се разбира.