Нутриционистите го побиваат митот дека последниот оброк мора да биде во 19 часот. Нутриционистката Мекензи Колдвел вели дека вечера во „прецизно определено време“ не е можна за секого. Пронајдете што му одговара на вашето тело – дури и ако тоа значи доцна вечера.
Заборавете на универзалното „правилно“ време за вечера. Иако често сме слушале дека е идеално да се вечера меѓу 17 и 19 часот, нутриционистите порачуваат – тоа не важи за сите.
Нутриционистката Ванеса Рисето нагласува дека времето за вечера зависи од многу фактори: возраста, дневните обврски, здравствената состојба и начинот на живот. Ако, на пример, работите во смени или станувате доцна, вашиот ритам на исхрана нема да биде ист како кај оние што стануваат во 7 часот наутро.
Општо, се препорачува последниот оброк да биде најмалку три часа пред спиење — за да се избегнат проблеми како што се киселини и лош сон.
Како да знаете кога е вистинското време за вечера?
Клиничката нутриционистка Пери Халперин советува да го следите природниот циклус на глад. Идеално е да јадете на секои три до четири часа, со пауза од неколку часа пред спиење. Сепак, поважно од времето е — што јадете.
Здравата вечера помага во стабилизација на шеќерот во крвта, подобра контрола на телесната тежина и поквалитетен сон.
Кој треба да вечера порано?
Луѓето кои имаат проблеми со варењето, како што се рефлукс или киселини, треба да јадат порано. Истото важи и за оние со дијабетес — вечера порано навечер може да помогне во регулирањето на нивото на шеќер во крвта.
Нутриционистката Мекензи Колдвел додава дека вечера во „прецизно определено време“ не е можна за секого. Затоа е важно да пронајдете што му одговара на вашето тело – дури и ако тоа значи доцна вечера.
Слушајте ги сигналите од вашето тело
Ако во текот на денот сте внесувале доволно хранливи оброци и ужинки, вашето тело само ќе ви „каже“ кога е време за вечера. Сигналите за глад, вели Колдвел, се најдобриот водич.
Што да избегнувате пред спиење?
Без разлика кога јадете, некои оброци сепак треба да се консумираат порано во денот. Мрсната храна може да го забави варењето и да предизвика непријатност во текот на ноќта, а кофеинот – дури и оној во чоколадото или чајот – може да го наруши сонот кај почувствителните лица.
Доцна вечера? Не е крај на светот
Не мора да ја откажете вечерата со пријателите само затоа што е по 19 часот. Телото може да вари храна и навечер — само внимателно одберете што јадете. Протеините, влакната и храната богата со аминокиселини дури може да помогнат при заспивање.
И, да — здрава ужинка доцна навечер е сосема во ред, ако навистина сте гладни. Подобро е да изедете нешто лесно отколку да заспиете гладни.
Пронајдете го својот ритам
Не постои „идеално време“ за вечера кое важи за сите. Клучно е да го слушате вашето тело, да јадете редовно и да избирате квалитетни намирници. Ако не можете да вечерате порано — не грижете се. Важно е што јадете, а не кога точно јадете.