Кога по Тунис и Кина, ќе ја најдеш среќата во село Горна Матка: Љубовта знае да биде навистина чудесна бајка

10.514

Оние кои ја сакаат Матка, а веројатно нема скопјанец кој не ја сака, изборот на ова мало семејство со интересна приказна, звучи и изгледа како остварен сон. Јасмин, Уран и Ласа живеат на својата фарма во село Горна Матка, а постарата ќерка Бинји, која го преферира градскиот живот, доаѓа таму за време на викендите, е задолжена за промоција на Матка Фарм на социјалните мрежи, како и за нови идеи за нови производи

Нашата соговорничка Јасмин, со сопругот Уран и помалата ќерка Ласа живеат на својата фарма во скопското село Горна Матка речиси 10 години, а пред неколку години решиле да ја основаат фармата кадешто тие и животните живеат во меѓусебна и во хармонија со природата.
А природата наоколу, од убава поубава, па веројатно затоа и сето она што го произведуваат таму и не може да биде поинакво. Животот во таа чиста и недопрена природа го делат со своите кокошки во дворот, со козите на фарматa, со препелици и пилиња, мачиња и кучиња, денови исполнети со многу работа, но и со многу среќа и вкуснотии.
Нивните домашни млечни производи, слатко, оригинални природни сапуни и креми за нега на кожата, но и многу интересни егзотични рецепти кои Јасмин ги донела од своите претходни места на живеење, Кина и Тунис. Сета оваа убавина е нешто за што многумина само сонуваат, а тие го реализирале и сега наместо да сонуваат, го живеат својот сон.


Јасмин е од мешан брак помеѓу татко Ирачанец и мајка Србинка.
„Моите родители како студенти се запознаваат во Скопје и од тука почнува нивната, а потоа и нашите, приказните на брат ми и мојата. Родена сум во Лесковац, претшколско имам учено во Багдад кадешто имаме живеено година ипол, прво одделение учев во Либија, а од второ па до завршување на средно уметничко, живеев и учев во Скопје. Школувањето го продолжив на ликовна академија во Тунис кадешто живеев околу пет години, се запознав со мојот поранешен сопруг кој по националност е Кинез и со него ја добив мојата прва ќерка БинЈи“, почна да ни ја раскажува Јасмин својата животна приказна.
Откако се вратила во Скопје, после три години, одлучила со ќерка ѝ да заминат за Кина, кадешто останале да живеат цели осум години.
„Во овој период заедно со мајка ми имаме отворено неколку самостојни изложби, а Кина ја доживувам како терапија за умот и душата, меѓу топол и мудар народ, земја со магична аура. Но кога после 8 години живеење во Кина, дојдов на одмор во Скопје, го запознав Уран, а со него и Матка, поточно, Горна Матка. Кампуваме кај црквите, се искачуваме до Света Недела, клучни места и мигови кои ни ја создаваат визијата за заедничка иднина токму на Матка. Имено, корените на Уран се од Горна Матка, па и тоа има удел во нашата одлука токму тука да ја спуштиме нашата котва“, раскажува нашата соговорничка.
Таа никогаш претходно немала допир со селскиот живот, ниту пак бабите и дедовците ѝ живееле на село. Напротив, вели, израсната и порасната сум во станбени згради.


Од судбоносната средба со Уран поминале повеќе од 12 години и покрај нејзината, а сега и нивна Бинји (26), ја имаат и помалата ќерка Ласа (11).
„Нашата меѓусебна љубов се должи и на многу истомисленички соништа, а главно заедничка љубов кон природата и животните. Јас ја засакав Горна Матка веднаш штом ја видов, кога го запознав Уран, а тој ми ја претстави таква убава, питома, мирисна и магична. После некое време купивме земјиште и го изградивме нашиот мал рај. Желбата беше заедничка, а токму така и треба да биде за да се исполни еден сон“, објаснува Јасмин.
Одгледувањето на животните го почнале со првите две кози Бецка и Мара, кои потоа им родиле 5 шаренки јаренца.
„За жал, ни ги украдоа, но не се откажавме и после година дена прежалување купивме повторно кози кои ги имаме и сега. Не сум имала никакво искуство ниту со чување на кози, ниту пак со произведување на млечни производи, но кога човек сака, може да научи сè. Сега имаме разновидна палета на млечни производи, козјо младо сирење, крем-сирење, чадено козјо сирење, маринирано сирење, кајмак, сурутка, јогурт, кефир, сапуни со козјо млеко“, набројува таа и додава дека и таа и Уран сè што имаат научиле и постигнале сами.


„Се гордееме со тоа и му се радуваме на секој чекор напред. Дел од обврските завршуваме заедно, надворешниот дел на обврските, хранење, поење, молзење на козите, ги завршува Уран, а јас сум одговорна за внатрешниот дел (тоа го подразбира домот), кадешто ги правам финалните производи. За тоа како ќе се одвива нашиот ден, зависи од сезоната. На пролет кога се раѓаат јарињата, не само што ни се исполнети деновите, туку и ноќите ни се често непроспиени. Во летниот период стануваме рано, Уран ми го носи млекото, јас ги подготвувам производите, во постојано движење сме и со работа до вечер. На есен млекото се намалува, такашто имам малку повеќе време за прошетки, за правење на природна козметика, џемови, итн.
Зимата е период на одмор кога нема млеко и период кога правиме посни домашни производи кои во зимскиот период најмногу се бараат. Тоа е и време кога ја оставам креативноста да дојде до израз низ скулптурички од глина и сликање. Период кога размислуваме и создаваме идеи, кои се спремаме да ги реализираме. Гледам да го рапоредам времето за работа, за домот, за фамилијата, за себе и верувам дека со љубов, план и организираност, се постигнува сè“, вели нашата соговорничка.


Она што им е многу важно е и тоа што чистиот воздух и водата, нивните производи, зеленчуците, овошјето, сите плодови и чаеви од природата во која живеат, се вистински благодет за нив.
„Нашата постара ќерка Бинји живее во центар и го сака градскиот живот, но затоа помага со водење на страната Матка Фарм, со идеи за нови производи итн, додека Ласа секогаш кога е потребна помош е тука за да помогне, иако најмногу помага кога се прават колачиња. Бинји доаѓа на Матка за викенди и тоа ѝ е доволна доза на фармерски живот, додека Ласа е израсната на Матка и е среќна во друштво на незините миленичиња, обожава прошетки низ природа, правење куќички на шумските самовилки, санкање по шумските патеки, но многу сака и да оди на гости кај дада, кадешто се гоштева со она што овде го нема – брза храна (на пример, КФЦ)“, ни раскажува Јасмин.
Тие се членови на Националната федерација на фармери (НФФ) кои минатата година ја организирале посетата на нивната фарма на американската амбасадорка во Македонија, Анџела П. Агелер и на министерот за земјоделие Љупчо Николовски.

„Моја задача беше да приготвам појадок со наши производи, а јас дополнително направив и американска пита со тиква која на амбасадорката многу ѝ се допадна. Кај нас неколку пати досега гостувале и амбасадорот и дипломатски претставници на Народна Република Кина на кои им приготвувавме ручек со наши домашни производи. Најчестово летниот период имаме посетители од цел свет, групи на извидници од Британија и Белгија, луѓе што сакаат да не посетат, да не запознаат и да купат наши производи. Доставата на нашите производи низ Скопје ја правиме сами, а купувачите преку порака на Фејсбук или на Инстаграм ни ги пишуваат потребните информации и нарачки. Пролетоска за првпат бевме и дел од настанот во Градскиот парк во Скопје, заедно со Слоу фуд Македонија кадешто имаше голем интерес за нашите производи.
Среќна сум дека тоа што го правиме за нас и за нашите деца е ценето од многу луѓе, кои се свесни дека домашните природни производи се, пред сè, здрави и вкусни, но и затоа што на овој начин ја продолжуваме традицијата на ова тло“, ја заврши својата приказна Јасмин пред да им се врати на своите секојдневни обврски, но и на своите уметнички креации.