Кога за време на пости ќе одите на гости: Белграѓани и од постот ќе направат гозба
Има ли нешто постресно од тоа кога ви доаѓаат драги гости кои не признаваат јадење без месо, а вие сте вегетаријанец или сте на пости, како и кога овие ќе дојдат кај нив. Еве како најпознатите месојадци во регионот знаат и од посна трпеза да направат гозба
Кога ни доаѓаат роднините од Белград на гости, мене искрено, ме фаќа паника.
Уште ја памтам мојата огромна тепсија со мусака со мелено месо и бешамел сос која кога со гордост ја ставив на трпеза, кај нив предизвика такво разочарување што едноставно не можеа да го скријат.
Беа мртви гладни, а ова што јас го нарекував јадење со месо, за нив беше како да си им понудил вегетаријанска тава. Во тоа време јас се уште јадев месо, но онака, само кога се мора, а во меѓувреме, откако од месо кај мене дома се јаде само риба, ми се креваше коса на глава од самата помисла дека ако овие гости кои инаку навистина ги сакам, решат да дојдат, ќе ме стават на големи маки.
За среќа, не сум единствената во куќава па и за тоа има решение на горниот кат, ама сепак.
Е сега, ова чувство е исто така присутно и кај нив кога ја возвраќаме посетата за време на пости. Имено, кога освен мене која не јадам само месо, ќе треба да нахранат и двајца ортодоксни постачи. И знаете што? Да, да, знаеме дека постот значи воздржување и дека не е поентата само да се јаде посно и притоа да се прејадете, ама овојпат, епа ете, работите малку излегоа од контрола.
Имено, нашите гостопримливи домаќини, значи, од оние кои се познати како најголеми месојадци во регионот, односно, младите домаќини Ивана и Милан кои во паника од гостите, набавиле се што е посно, не изненадија со навистина одлични деликатеси.
Овојпат, онаа позната фраза која се употребува за обилна трпеза – од пиле млеко, можеме да ја преиначиме и да кажеме, од риба млеко.
Прво, пастрмките подготвени во сад кој е своерачно направен од белграѓанецот Милан кој инаку, го бидува буквално за се (од правење плакари и бродови, до готвење само вакви исклучително вкусни специјалитети на отворено) беа готови за само 20 минути. Со прекрасна боја и вкус, во две варијанти, по избор: чадени и нечадени, тие беа вистински ѕвезди на нашава „скромна“ посна трпеза.
А за прилозите на нашата вредна домаќинка Ивана, останува само да се каже дека од нив не остана ништо. Тоа, вели таа, првпат се случува во нивниот дом во кој обично се јаде месото, а сите тие здрави прилози кои таа со љубов ги спрема, обично само се начнуваат, колку да се рече.
Е овојпат, беше поинаку.
Од прилозите со рибата, како свежи краставици и домати, рижото со печурки, варена пченка, компир салата, пита со печурки и кромид, до оние кои беа прилог за најдобрата рибја чорба од сом и од крап која ја направи на оган и во голем, голем лонец, нашиот домаќин Милан и ја зачини со чили пиперчиња и огромен корен од целер, па салатата со макарони, туна и ситно сечкан зеленчук, вкусно гравче тавче повторно во наша чест, па до едно чудо посни колачи, бевме навистина во тешко искушение и, се разбира, подлегнавме на истото.
Инаку, нам, од Арт кујна, фаворит ни беше рибјата чорба, гравчето и салатата со макарони и туна, црвеното српско вино (Енигма) и превкусните бомбици од урми, лешници и црно чоколадо, па еве и рецепти:
Рибја чорба од сом и од крап
Една од највкусните чорби на овие простори, но првпат ја пробувам во оваа комбинација и направена во толку голема количина и на оган, наместо на шпорет и навистина беше полн погодок.
Ем здрава ем вкусна, особено во комбинација со одлично лепче со коприва и добро вино.
Подготовка:
Прво ставете ја исчистената риба да се вари во вода заедно со исчистените зеленчуци (морков, целер, кромид).
По околу 30-40 минути, извадете ги настрана зеленчуците, а рибата ставете ја во друг сад да се излади за да можете да ја исчистите. Зеленчукот испасирајте го и повторно вратете се заедно во супата, додадете мелени чили пиперчиња по вкус, зачинете по желба. Настрана изматете во ладна вода 2 лажици брашно, во зависност од тоа колку течност имате, измешајте убаво и оваа мешавина додадете ја во чорбата со постојано мешање.
Оставете да повари уште неколку минути.
Бомбици
Ви требаат само урми, јаткасто овошје по желба, односно, во зависност од тоа што имате дома и црно чоколадо.
Извадете ги семките од урмите и ставете ги во блендер заедно со лешниците и потоа обликувајте бомбици кои ќе ги потопите во стопено црно чоколадо и ќе добиете најубави, највкусни и најздрави колачи.