Колачите на мајка ми, рецептот на мајка ми, најдобрата торта од мајка ми…

144

Ако имате сѐ уште мајки кои ги помнат своите рецепти, наговорете ги барем еднаш неделно да правите заедно по некое од нивните најдобри јадења. Запишете ги, ќе видите, еден ден ќе ви недостасуваат токму тие вкусови

Толку често ги слушаме оние реченици од типот на: мајка ми правеше најдобра торта со вишни, најдобра баклава, руска салата, кифли, пици, мици,….

Мајка ми, мајка ми, мајка ми, евентуално, баба ми, баба ми…

Што е работава? Навистина ли токму вашата мајка или баба правеле најдобро нешто што инаку го прават речиси сите?

Па, ако не друго, сигурно е дека вам ви било најдобро.

Мајка ми го имаше оној вечен страв, дека некој ќе остане гладен, па секогаш готвеше големи количини.

„Подобро да остане, отколку да нема“.

И многу сакаше да објаснува како ги направила оние вкусни крофнички со белки, оние кои многу ги сакав. Исто како и овошниот ролат, питата со праз и со ориз, кифличките, цецините колачи и секако, тортата со вишни.

Кога бев мала, бидејќи ме фалеа дека ракописот ми е вистински краснопис (што патем, одамна веќе се претвори во ногопис), многу сакав да ги препишувам рецептите во нови тетратки.

Ме нервираше тоа што никогаш не ги знаеше точните мерки и кај неа сѐ беше „отприлика“ или, „дојди да гледаш како ги правам па ќе знаеш“.

Арно ама, немав трпение за гледање. Преферирав дегустација на крајот.

Потоа ќе изедев толку многу што веќе не ми беше гајле за рецептот, не планирав да ги јадам до крајот на животот.

Ама кога мајка ми ќе почнеше да опишува колку биле вкусни крофничките со белки, крцкави однадвор, а меки внатре, или пак колку биле убави палачинките филувани со лук и со ореви, или пак оној нејзин вкусен милиброд со мак и питата со дебели витки, веднаш добивав апетит.

Повторно не сакав да гледам како ги прави бидејќи ми се чинеше дека сето тоа предолго трае.

Искрено, не бев баш многу по готвењето, тоа ми дојде малку подоцна, кога почнав наместо за политика, да пишувам за кујна.

Ама мајка ми сѐ уште готвеше, а јас мислев дека вечно ќе биде тука.

Сега, тетратките затурени наваму-натаму, сите освен една-две во кои, како за белја, ги нема нејзините најдобри рецепти.

Тие си ги имаше во малиот прст, а ги запишувала само туѓите, па до секој рецепт пишува и од кого е.

На пример, ванилици од Ана, плетенка од Хилда, полнети модри патлиџани од Живка,… итн.

А кога почна да заборава, престана да готви.

Е дури тогаш ми текна дека требало со време да си ги запишам рецептите.

Значи, грлово ми се стегна кога деновиве, за мојот роденден, пак ја утнав тортата со вишни.
Нашата јунска торта со вишни, која беше омилена кај нас дома, а мајка ми ја правеше традиционално, за секој мој роденден.

И не беше секогаш баш со вишни. Некогаш беше со јагоди, некогаш со рибизли, но секогаш со свежи плодови.

И беше превкусна.

Кога почна да заборава и престана да готви, немаше веќе ни торта со вишни.

Не е баш тешка за правење. Другарка ми Бети која цел живот живее во куќата отспротива, за разлика од мене, успеала да го запише рецептот кој, за жал, не е баш толку прецизен, па така и неколкуте мои обиди да ја направам сама, имаа за резултат торта која беше или полоша на изглед или полоша на вкус.

Годинава, беше полоша и на изглед и на вкус.

Сепак, ја изедовме бидејќи сега веќе не е најважното тоа што е тоа тортата направена за мојот роденден, туку тоа што сите не потсетува на мајка ми.

А мајка ми, она можеше да ја направи и со затворени очи.

Дури последниве години разбрав колку е убаво кога имате некој кому можете да му кажете: Уф, ми се јаде торта со вишни, одамна не сме јаделе’, а тој, односно, таа, веднаш тргнува во акција.

Последните години, откако се разболе од Алцхајмер, мајка ми не ја правеше ниту тортата со вишни, ниту пак нешто друго, едноставно заборави сѐ.

Освен еднаш, кога во терапевтски цели, ѝ дадовме материјал за пита. Малку ја потсетувавме што би требало да додаде уште малку, ама сепак ја направи.

Беше тоа вистинскиот вкус, баш оној на нејзината пита.

Иако многу се измори, се чувствуваше добро, како царица во кујната, речиси како порано.

Ништо по неа, го нема истиот вкус.

Ако имате сѐ уште мајки кои ги помнат своите рецепти, наговорете ги барем еднаш неделно да правите заедно по некое од нивните најдобри јадења.

Запишете ги, ќе видите, еден ден ќе сакате да повторите некое од нив и да се потсетите на вкусот.

Еве го рецептот за тортата со вишни на мама Кита (на фотографијата е онаа не баш успешна од пред 2-3 години во која наместо вишни има јагоди и воопшто не изгледа како нејзината и тоа не поради јагодите).

Состојки:

За пандишпан:

8 јајца

8 рамни лажици шеќер

8 лажици брашно

1/2 лажичка прашок за пециво

За кремот:

750 мл млеко + 50 мл за разматување на брашното и густинот

2 рамни лажици брашно

2 лажици густин

200 г шеќер

250 г омекнат путер

1 ванилин шеќер

За украсување:

1 кг вишни (јагоди, малини, рибизли…)

Приготвување:

Изматете ги белките во цврст снег. А потоа полека додавајте го брашното помешано со прашокот за пециво.

Во друг сад изматете ги жолчките со шеќерот во густа смеса. На крајот, соединете ги полека смесите и ставете да се пече во подмачкан и набрашнет калап за торта. Можете да ставите и хартија за печење, а и не мора.

Печете го пандишпанот околу 30 минути во загреана рерна на 180 степени.

За кремот, ставете ги млекото и шеќерот во тенџере на тивок оган и почекајте да зоврие, а потоа полека, додавајте ги брашното и густинот кои претходно ќе ги разматите во малку ладно млеко. Постојано мешајте со рачна мешалка.

Кога кремот ќе се згусне, тргнете го тенџерето од ринглата и оставете го да се олади.

Кога е кремот изладен, не треба да е сосема изладен, доволно е да не е жежок, додадете го изматениот путер со ванилин шеќер. Измешајте убаво со миксер за да нема грутчиња.

Пандишпанот, откако ќе се олади исечете го полека на два дела, како и за секоја друга торта.

Намачкајте ја едната половина со крем, наредете густо од овошјето, па ставете го вториот дел од тестото и премачкајте го со останатиот дел од кремот. Наредете ги одозгора останатите вишни или што и да имате од шумски плодови и ставете ја тортата во фрижидер.

Најдобро е да се прави навечер и да се јаде следниот ден.