За нашите баби лажица или коцка шеќер за десерт, не биле бела смрт, туку вистински луксуз. Наместо на путер и маслиново масло, готвеле со свинска маст и ја јаделе намачкана на леб и поросена со пипер. За нас, јагнешки мозок и пржени пилешки џигерчиња беа вистински деликатес, а наместо путер или хумус, мачкавме маргарин.
Храната која ја јадеше нашата, како и генерацијата пред нас, кај денешната младина би предизвикала скандал.
Кога растеле генерациите на нашите мајки и татковци, најважно било да има храна на масата. Холестеролот и глутенот не биле тема за муабет, а свеста за адитивите и пестицидите (од кои некои сè уште циркулираат во природата иако се одамна забранети) не постоеше.
Кога ние растевме, храната беше едноставна и скромна, главно, домашна. Никој не помислуваше да бара софистицираност на јадењето или некакви следови, тие се подразбираа па речиси секој ден имавме домашна супа, па главно јадење, па нешто благичко или само кришка леб со шеќер и какао. Сепак, она што беше сосема нормално во тоа време, би предизвикало културен и кулинарски шок кај денешните деца. Ајде да прошетаме по патеката на сеќавањата и да се сетиме што јадевме и преживеавме.
Лажица шеќер – без грижа на совест
Некогаш десерт беше сутлијаш со шеќер и цимет, или само лажица шеќер помешан со какао и поросен на кришка леб. Или уште подобро: коцка шеќер. Кариес и хиперактивност предизвикана од шеќер тогаш „не постоеше“.
Леб со свинска маст и црвен пипер
Во времето кога путерот не беше стандард, свинската маст беше злато. Наместо денешните комплицирани сендвичи, свинската маст се јадела намачкана на парче леб, наросена со малку мелен црвен пипер. Црвената пиперка можело да се замени и со дебел слој гранулиран шеќер, само што тогаш тоа би било десерт.
Некогаш компир-манџа, денес пекарски компир
Некогаш имавме компир-манџа на репертоарот секогаш кога мајка ми немаше идеја што друго да прави. Денес, многу ретко. Сега почесто се одбира да се јадат пекарски компири, а ретко кој се откажал и од помфрит.
Дивка или преварено мелено кафе
Генерациите кои сега се во педесеттите години го имаа Краш Експрес. Но, претходните генерации имале кафе Дивка или, почесто, преварено вистинско мелено кафе. И двете измешани со млеко биле основата на појадокот. Или вечера. Или и двете.
Пилешки копани во тава ориз
Варените пилешки копани од супата беа често на менито. Или во домашната пилешка супа или во тавата со ориз. Денес се јаде главно само белото месо.
Колбас од свински ситнеж и праз
Ваквите колбаси, обично се правеа дома, беа вкусен оброк, без оглед дали се пржеа, се печеа на скара или се сервираа со кисела зелка. Тие се јадеа и сушени како ладно мезе. Индустриската исхрана ги стави овие традиционални колбаси во втор план.
Мозоци и изнутрици – некогаш деликатес, сега табу
Јагнешки мозок, пржен црн или бел дроб, беа стандардни јадења во многу семејства. Деловите од месото што „не изгледаат убаво“ не се фрлаа. Денес, тие се речиси заборавени, освен кога се кренати на повисоко ниво на кулинарска деконструкција. Хм, мозок со јајца на пена од шампањ? Аха, да, секако.
Кажете ни нешто што сте јаделе вие, а што денес би било неприфатливо?