Кускус или киноа – која е разликата?

Фото: Pexels
142

Кускусот е богат со селен, минерал неопходен за различни метаболички процеси, но содржи и глутен. Киноата не содржи глутен и е богата со антиоксиданти, но содржи и проламини кои можат да предизвикаат непријатни симптоми кај луѓето со целијачна болест.

Со оглед на нивниот сличен изглед и кулинарски употреби, овие две намирници збунуваат многумина.

Можеби изгледаат слично и имаат приближно ист вкус, но киноата и кускусот се две сосема различни јадења.

Кускусот е мала, зрнеста тестенина од гриз која содржи глутен, а киноата е всушност мало семе кое се готви и јаде на сличен начин како повеќето житарки, но е без глутен и релативно богато со протеини.

Што е киноа?

Киноата е високо-протеинско растение кое припаѓа на истото растително семејство како спанаќот и цвеклото.

Иако киноата се подготвува и конзумира како житарка, таа е класифицирана како псевдожитарка, бидејќи не припаѓа на фамилијата на треви како пченицата, овесот и оризот.

Се одгледува поради јадливите семиња и освен семките, за јадење се користат и листовите киноа, кои имаат вкус сличен на спанаќот или блитвата, но се помалку популарни поради горчливиот вкус.

Се одгледувал во Јужна Америка со векови пред колонизацијата на Америка, а Инките ја нарекувале „мајка на сите зрна“.

Киноата може да се смета за цело зрно иако всушност не станува збор за вистинско зрно.

Оваа храна е релативно богата со протеини и влакна во споредба со тестенините или оризот.

Една чаша варена киноа содржи 39 грама јаглени хидрати, 8 грама протеини, 4 грама масти, 5 грама влакна и 222 калории.

Киноата исто така содржи железо и магнезиум и сите девет есенцијални амино киселини, што ја прави целосен протеин и погоден извор на протеини во вегетаријанската и веганската исхрана. Киноата е природно без глутен и бројни студии покажале дека е безбедна за луѓето на кои им е дијагностицирана целијачна болест и се готви побрзо од оризот и многу други зрна – околу 10-15 минути.

Што е кускус?
Кускусот е национално јадење на Мароко и со векови е главен производ во Северна Африка.

Од многу одамна се правел рачно со мешање гриз и вода додека не се формираат мали топчиња, кои потоа се сушат.

Најчесто, кускусот се готви на пареа или се подготвува како оризот.

Бидејќи кускусот се прави од пченица, содржи глутен и не треба да го јадат оние кои се чувствителни на оваа супстанца.

Една шолја кускус содржи 36 грама јаглени хидрати, 2,2 грама влакна, 6 грама протеини, 0,3 грама масти и 176 калории.

Како таков, има помалку масти и калории од киноата, но и помалку протеини, железо и магнезиум.

Кускусот има текстура слична на тестенините и неутрален вкус, додека киноата има покрцкава текстура и вкус на орев.

Тие можат да се користат наизменично во некои јадења, а од киноата може да се направи и брашно.

Здравствени придобивки

Секоја од овие намирници има свои предности и недостатоци во однос на здравјето.

Кускусот е богат со селен, минерал неопходен за различни метаболички процеси, но содржи и глутен. Киноата не содржи глутен и е богата со антиоксиданти, но содржи и проламини кои можат да предизвикаат непријатни симптоми кај луѓето со целијачна болест.

Која е подобра намирница?

Мора да ги земете предвид вашите потреби за исхрана при изборот на една од овие намирници. Киноата може да го подобри нутритивниот профил на вашиот оброк и е погодна за начин на живот без глутен.

Од друга страна, кускусот може да додаде разновидност во вашата исхрана, но треба да го избегнуваат луѓе кои се алергични на глутен.