Леб од банана без брашно

Фото: Pexels
64

Направете вкусен леб од банана со само четири состојки – без брашно. Се прави многу лесно, а ако имате блендер, уште полесно. Ги ставате сите состојки во блендер, па печете и – тоа е сета работа!


Веруваме дека ве заинтересиравме со самиот наслов и поднаслов и сега ќе го оправдаме вашиот интерес.

Навистина станува збор за вкусен десерт од само четири состојки, без брашно, кој се подготвува во блендер.

За навистина да ја направите оваа поздрава верзија, набавете квалитетен путер од кикиритки и темно чоколадо. Вашиот блендер ќе го направи останатото!

Во случај кога уредот е послаб и имате проблем со дробење на овесните снегулки, додадете малку вода и по желба засладете со мед.

Овој леб е сочен, полн со вкус и лесно се сече.

Леб од банана од блендер
Состојки:

700 гр банани
180 гр овесни снегулки
250 гр путер од кикиритки
180 гр темно чоколадо

Приготвување:

Загрејте ја рерната на 180 степени. Долгнавест калап за леб премачкајте го со масло и обложете го со хартија за печење.
Ставете ги бананите, овесните снегулки и путерот од кикиритки во блендер и измешајте ги во мазна смеса.
Додадете поголем дел од чоколадото и промешајте.
Истурете го тестото во калапот за леб. Одозгора наредете тенки парчиња банана и остатокот од чоколадото.
Печете 25-30 минути. Почекајте да се излади пред да го исечете и послужите.