Кога немате трпение за правење домашен квасец, а сакате да правите леб, одете и позајмете од некој. Ние за таа цел минатиов викенд бевме на работилница за кисело тесто
Бидејќи немаат сите трпение да чуваат и да хранат квасец со недели за да можат барем одвреме навреме да си направат вкусен леб, би требало да има повеќе великодушни луѓе кои ќе сакаат да ја споделат својата маја, но и знаењето и вештината за правење леб.
Такви се и луѓето од пекарата Пан-Пан кои изминатиот викенд во рамки на фестивалот на биодиверзитет на Слоу фуд, имаа работилница за кисело тесто.
Немате да верувате колку луѓе сакаа да присуствуваат и колку прашања имаа за мајсторите!
А тие, великодушни и во споделувањето на знаењето, но и во подарувањето на мајата.
Во знак на благодарност, не дозволивме таа да пропадне па замесивме лепче од интегрално брашно. Секако, немавме од она кое го користат тие за своите лебови, па моравме да се задоволиме со тоа што може да се најде во нашите маркети.
И не излезе воопшто лошо. Мислиме дека за ова е најзаслужен добриот стартер.
Рецептот кој ни го дадоа го споделуваме со вас:
Состојки:
150 г стартер/маја
600 мл вода
1 кг интегрално брашно
20 г сол
Приготвување:
Најдобро е да го замесите тестото навечер. Измешајте ги состојките со вилушка додека целото брашно не се измеша со водата, па тестото одвреме навреме преклопете го со намокрена рака: фатете еден крај, растегнете го и преклопете го неколку пати и оставете го во набрашнета кошница со крпа да стои до сабајле.
Откако ќе отстои тестото преку ноќ, извадете го на набрашнета маса, обликувајте го како топка и префрлете го во корпа обложена со крпа и поросена со брашно, со мазната страна надоле.
Вака стои час-два на собна температура, па го печете во загреана рерна на 220°C. Тестото од корпата го префрлате во тенџере, со мазната страна нагоре, го засекувате, му ставате капак и го печете околу 20 минути со капак, па уште 15-20 без капак.