Ликер од нане и ликер од дренки

530

Кога околу вас имате природа и таа ви дава од сѐ по нешто, а мераклија сте за јадење и за пиење, нормално е да експериментирате. На пример, нашиот читател Стефан експериментира со најразлични видови на ликери.

Откако во бекство од градот, нашите пријатели Стефан и Ана си најдоа прибежиште во скопското село Орешани, постојано експериментираат со храна и пијалаци. И додека е Ана задолжена за готвење и месење, Стефан стана вистински експерт за ликери.

Само еден поглед на миризливата мента која во изобилие го расфрла својот мирис ако само малку ја допрете поминувајќи покрај неа, бил доволен тој да проба да ја спакува во ликер.

А истото се случило и со дренките и малите слатки јаготки од дворот.

А и кога ќе ми дојде на човек преку глава од компоти, ликерот е одличен избор.

А она што е специфично за ликерите од кујната на Стефан, е тоа што наместо со ракија, тој ги прави најчесто со вотка, или евентуално, со џин.

Ликерот од нане е еден од најпознатите во подготовката на коктели, па шише или две домашен ликер може да биде од голема корист кога ќе дојдат гости или кога ќе сакате самите да се напиете една чашка од овој освежителен и ароматичен ликер.

Ликер од нане

Друга одлична работа за ликерот од нане е тоа што не мора да следите одреден рецепт, можете да го подготвите сами. Вкусот ќе зависи само од количината на листови од нане што ја користите и од алкохолниот пијалак по ваш избор.

Потребно е:

Свежи листови нане
Домашна ракија или вотка,
Шеќер по желба и вода за шеќерен сируп,
Стаклена тегла или сад со капак
Кора од лимон по желба

Приготвување:

Пред да го направите самиот ликер, потребно е темелно да ги измиете листовите нане, па да ги исушите. Потоа ставете ги листовите во стаклена тегла (2-3 шаки листови на 1л алкохол се оптимални). По желба додадете 1 кора од лимон (добро измиена со грубата страна на сунѓерот или домашен.
Прелијте ги состојките со алкохолниот пијалак по ваш избор и оставете го да стои 2-3 недели или подолго за појак ликер.
Откако ќе отстои доволно, процедете го ликерот од листовите и додатоците доколку сте ги користеле.
За да го засладите ликерот, подгответе шеќерен сируп од вода и шеќер. Загрејте ја водата, додадете шеќер и варете додека да се запени. Односот на шеќер и вода треба да биде 1 чаша вода и 1 чаша шеќер.
На крај, во ликерот додадете го шеќерниот сируп по желба и по вкус до задоволителна сладост.

Ликер од дренки

Oвој домашен овошен ликер, освен што содржи витамини, има и многу пријатен вкус, а се приготвува со ракија или со вотка.

Ликерот е благ алкохолен пијалак со многу пријатна арома. Освен што е здрав бидејќи содржи неверојатна количина на витамини, тој е вистинско освежување за секоја пригода. Кога еднаш ќе го пробате, ќе го користите често.

Потребни состојки:

1 кг зрели дренки,

1 кг шеќер,

2 литри вода,

1 литар вотка или ракија.

Приготвување:

Во два литри вода ставете шеќер и мешајте додека целосно да се растопи. Потоа додајте ги дренките (неколку плодови одвојте на страна) и сето заедно ставете на оган да се свари.

Гответе на тивко додека плодовите да омекнат, па тргнете настрана и оставете да се излади. Процедете ја смесата и во течноста додајте 1 литар алкохол. Добиениот ликер складирајте го во стаклени шишиња и во нив ставете по неколку дренки кои претходно ги одвоивте.