Листот од капина, потенцијален убиец на бактерии: Овие бобинки со малку калории и многу витамини се и еликсир за мозокот

Фото: Pexels
75

Истражувањата сугерираат дека антоцијанините што се наоѓаат во капините можат да помогнат во зголемувањето на протокот на крв во мозокот, активирање на регионите одговорни за говорот и меморијата и подобрување на когнитивната функција кај луѓе со лесна до умерена деменција

Капините не се само вкусни бобинки, туку и исклучителен нутритивен коктел од разни вредни хранливи материи. Тие се богати со витамини, минерали и антиоксиданти.

Низ историјата, луѓето ги користеле плодовите, листовите и гранките од капини за лекување на разни заболувања. Денес, иако модерната медицина ги замени традиционалните употреби, има сè повеќе научни докази дека капините имаат бројни здравствени придобивки.

Капините се богати со витамини, минерали, влакна и антиоксиданти – хранливи материи што се неопходни за одржување на добро здравје. Студиите покажуваат дека антиоксидантите можат да го намалат воспалението и да помогнат во спречувањето на многу болести, вклучително и ракот.

Покрај тоа, капините имаат ниска калорична вредност и јаглехидрати. Една порција содржи само 62 калории и 13,8 грама јаглехидрати. Значи, можете слободно да ги консумирате без грижа на совест.

Капините помагаат во целокупната функционалност на телото

Капините се исклучително богати со витамин Ц, витамин К и манган. Витаминот Ц го зајакнува имунолошкиот систем, помага во заздравувањето на раните и подобрата апсорпција на железото. Исто така, делува како антиоксидантс. Витаминот К е неопходен за згрутчување на крвта и здравјето на коските.

Манганот е вклучен во производството на енергија, заштитата на клетките, имунитетот, растот на коските, репродукцијата и згрутчувањето на крвта.

Го подобруваат варењето и нивото на шеќер во крвта и можат да ги намалат воспалителните процеси

Капините содржат значителна количина на влакна, дури 7,6 г по порција. Влакната ја подобруваат функцијата на цревата, го регулираат нивото на шеќер во крвта и помагаат во намалувањето на лошиот холестерол. Нерастворливите влакна помагаат во одржувањето на движењето на цревата и спречуваат надуеност и запек. Растворливите влакна го намалуваат LDL холестеролот и го регулираат шеќерот во крвта.

Повеќето луѓе не внесуваат доволно влакна, што го зголемува ризикот од срцеви заболувања. Дневната препорака е помеѓу 25 и 40 грама, во зависност од полот и возраста.

Капините се богати со полифеноли, особено антоцијанини, моќни антиоксиданти кои помагаат во борбата против оксидативниот стрес и хроничното воспаление. Хроничното воспаление е поврзано со голем број сериозни болести, вклучувајќи рак, срцеви заболувања, заболувања на белите дробови и дијабетес тип 2.

Ги штитат срцето и крвните садови и ја подобруваат когнитивната функција

Антоцијаните можат да помогнат во спречувањето на кардиоваскуларни заболувања, особено атеросклероза (таложење на плаки во артериите), што може да доведе до срцев или мозочен удар, заболување на бубрезите и периферна васкуларна болест.

Една студија покажала дека луѓето кои земале додатоци на антоцијанин 24 недели имале пониски нивоа на воспалителни протеини, повисок HDL („добар“ холестерол) и понизок LDL („лош“ холестерол), во споредба со контролната група.

Воспалението во мозокот може да влијае на меморијата, говорот и вниманието. Истражувањата сугерираат дека антоцијанините можат да го зголемат протокот на крв во мозокот, да ги активираат регионите одговорни за говорот и меморијата и да ја подобрат когнитивната функција кај луѓе со лесна до умерена деменција.

Може ли да се јадат секој ден?

Да, велат нутриционистите. Капините можат безбедно да се консумираат секој ден како дел од балансирана исхрана. Се препорачуваат две порции овошје дневно, а една порција е чаша свежо овошје. Сепак, се препорачува да се консумираат различни овошја, за да се добијат различни хранливи материи и антиоксиданти од повеќе извори.

Интересен факт што многу луѓе не го знаат: Која е користа од листовите од капини?

Листовите од капини, кои често се занемаруваат, имаат докажани антибактериски и антиинфламаторни својства и традиционално се користат како чај за лекување на болки во грлото, дијареја и проблеми со непцата.

Научниците откриле дека екстрактите од листови од капина го инхибираат растот на бактерии како што се Staphylococcus aureus и Escherichia coli, потврдувајќи ја вековната практика на користење капини како природен лек за многу состојби.

Анализа на листовите од Rubus ulmifolius (вид идентичен или тесно поврзан со капините), објавена во International Journal of Antimicrobial Agents, со која се испитувало дејството на екстрактот врз соеви на Helicobacter pylori (штетна бактерија во желудникот) покажала значајна антимикробна активност, а изолираните полифеноли од листовите исто така дејствувале антибактериски.

Дополнително, независна студија објавена во PMC (PubMed Central) го анализирала хидроалкохолниот екстракт од листовите од Rubus fruticosus, кој покажал умерена до силна антибактериска активност против грам-позитивни (Staphylococcus aureus, Enterococcus faecalis) и грам-негативни бактерии (Escherichia coli, Haemophilus influenzae). Зоната на инхибиција се движела помеѓу 6 и 11 mm, што укажува на значајна активност на екстрактот.
Исто така, уште една студија испитувала млади листови и стебла од Rubus caesius (вид капина). Докажана е антибактериска активност против E. coli, Salmonella enterica.