Ова е отровната билка на годината! Што е толку лошо во грицките кои ги штитат мозокот и срцето и превенираат некои видови на рак? Варени или печени, посолени или карамелизирани, најчесто се здрави, но имаат и своја темна страна.
Ги сакаме како здрава ужина бидејќи се богати со незаситени масти, протеини, влакна, есенцијални витамини и минерали.
Како и сите јаткасти плодови, знаеме дека треба да ги јадеме умерено бидејќи обично се многу калорични, па мерката е да не се јадат повеќе од десет парчиња дневно.
Инаку, особено се богати со витамин Б6 и во сто грама содржат доволно за да се задоволат 20 проценти од дневната потреба за овој витамин, кој е неопходен за нормална функција на мозокот, спречување на кожни нарушувања и забавување на стареењето.
Богати се и со селен, сто грама содржат 12 микрограми од овој минерал, кој е добар антиоксидант и помага во спречување на срцеви заболувања, па дури и некои видови на рак.
Содржат и железо, цинк, бакар, калциум, магнезиум, калиум и витамин Е.
Потоа, тука се и протеините и полифенолите, кои на нашите тела им обезбедуваат значителни здравствени придобивки – од добро здравје на срцето, превенција од мозочен удар, регулирање на шеќерот во крвта, подобрување на здравјето на мозокот и негово подобро функционирање, па до здрави очи и коски и посилен имунолошки систем.
Сето ова им го припишуваме на индискиските ореви, кои се прогласени за отровна билка на 2025 година.
Избор на германската ботаничка градина
Натпреварот традиционално го организира германската ботаничка градина Вандсбек за да обезбеди информации за токсичните ефекти на растенијата кои луѓето најчесто ги користат без да знаат за нивните посебни својства.
Темната страна на индискиот орев лежи во фактот дека неговата кора е отровна.
Индиските ореви во Европа ги среќаваме само во продавниците за храна и тие се целосно нетоксични за човечка исхрана бидејќи се преработуваат пред да стигнат до продавниците.
Имено, плодот кој потекнува од североисточен Бразил, а денес се одгледува во Африка, Азија. Латинска Америка и Индија, содржи кардолово масло, кое негативно влијае на мукозните мембрани и може да предизвика тешки колики и алергии на кожата кои се – според ботаничката градина Вандсбек – „споредливи со изгореници од втор степен“.
Штетен кардиол
Не треба да се консумираат сирови индиски ореви. Лушпата од индискиот орев е тврда и содржи токсично масло (кардол), што доведува до здравствени проблеми по конзумирањето.
Купените индиски ореви обично се безопасни бидејќи нивната надворешна обвивка, која содржи најголема количина кардол, се отстранува пред продажба.
После тоа се пржат или се варат на пареа. Овие процеси го прават отровниот кардол безопасен. Вака преработени индиските ореви се вистински извор на енергија и нудат голем број здравствени придобивки.
Тие се богати со незаситени масни киселини, протеини, влакна, витамини и минерали. Особено се богати со магнезиум, бакар, цинк и витамин Б, наведуваат во Ботаничката градина.
Тие посочуваат дека индиските ореви купени во продавниците како готови производи, сепак, може да содржат сол или шеќер и советуваат да се внимава тие да бидат несолени и да содржат што е можно помалку шеќер.
Исто така, индиските ореви содржат хистамин. Луѓето со нетолеранција на хистамин треба да ја ограничат потрошувачката, предупредуваат германските ботаничари и повикуваат веќе да се номинираат кандидатите за следната отровна билка на годината од листата на отровни растенија на нивната веб-страница.
Доколку некое отровно растение го нема на списокот, може да се предложи, списокот ќе се ажурира, а од јуни ќе може да се гласа.
Растението кое ќе добие најмногу гласови ќе биде прогласено за отровно растение за 2026 година, а јавноста ќе има можност да дознае повеќе за неговата темна страна.