Македонска салата, моркови и пиперки биле вратени од Хрватска: Штетни пестициди имало и во производи од Турција, Албанија, Србија, но и од подалечни земји

Фото: Pexels
691

Овошјето и зеленчукот третирани со штетни пестициди главно беа стопирани веќе на хрватската граница, но некои производи сепак стигнаа до полиците. Останува вечното прашање колку такви производи поминале под радар, односно воопшто не се откриени, пишуваат хрватски портали

Околу 30 пратки со овошје и зеленчук наменети за хрватскиот пазар годинава и лани биле контаминирани со штетни и канцерогени хемикалии.

До оваа бројка дошол хрватскиот портал Даница анализирајќи ги сите соопштенија на европскиот систем за брзо предупредување во сообраќајот со храна и хрватската агенција за земјоделство и храна, во текот на оваа и претходната година.

Овошјето и зеленчукот третирани со штетни пестициди главно биле стопирани веќе на хрватската граница, но некои производи сепак стигнале до полиците. Останува вечното прашање колку такви производи поминале под радар, односно воопшто не се откриени, се прашува порталот.

Круши и домати
Според бројот на пратки со контаминирано овошје и зеленчук наменети за хрватскиот пазар, Турција е очигледно во водство: лани и годинава во 11 наврати биле откриени штетни пестициди. Три пати во круши, двапати во лимони и суви смокви и по еднаш во мандарини, пиперки, домати и грејпфрут.

На второ место е Македонија со четири пратки: двапати во мешана салата и по еднаш во свежи моркови и пиперки. Во три наврати бил откриен штетен и забранет пестицид кај хрватските мандарини, а спорни се и две пратки домати и млад кромид од Албанија.

„Египет ни испрати контаминирани пратки со свежи моркови и бел грав. Од Србија стигнаа кисели краставички, од Бразил лимети, од Пакистан и Индија – ориз, свежи сливи од Полска, круши од Кина, ф’стаци од Холандија.

Од нашата мини-анализа може да се заклучи дека најмногу забранети пестициди имало кај крушите, доматите, мандарините, пиперките, лимоните и морковите. Затоа внимавајте при купувањето на овие производи доколку доаѓаат од земјите што ги споменавме“, предупредува порталот.

Најмногу хлорпирифос
Од забранетите пестициди, во најголем број случаи се споменувал хлорпирифос, кој е откриен во дури 13 пратки со овошје и зеленчук: во лимети, зелена салата, моркови, грејпфрут, ориз, грав, мандарини, сливи, лимони…

„По хлорпирифос, кој е убедливо најзастапен, следуваат фосмет, фенамифос и форматанат. Сите тие се забранети за употреба во Европската унија поради бројни студии кои ја докажуваат нивната штетност по здравјето на луѓето. Не смеат да се појавуваат ниту во храната од увоз.

Хлорпирифос е забранет за употреба во ЕУ од 2020 година поради неговиот генотоксичен потенцијал и развојната невротоксичност кај цицачите. Бројни научни студии покажале дека изложеноста на хлорпирифос може да влијае на невролошкиот развој на децата и да го оштети сѐ уште нероденото дете.

Го поврзуваат со нарушувања во развојот на мозокот, хиперактивност, заостанување во растот, намален коефициент на интелигенција. И во Хрватска имавме проблеми со хлорпирифос во домашните производи, бидејќи лани беше пронајдена во неколку пратки мандарини“, пишува порталот.