Мали производители на храна, големи визии и уникатни приказни

309

Кога станува збор за Охрид, ние, од Арт кујна, навиваме за што повеќе настани полни со гурмански залчиња и голтки како овој, трет по ред „Вкуси го Охрид“, проследен со убава народна музика, наместо оној лош турбо-фолк и турбо-поп кој инаку, одекнува низ најубавиот македонски бисер.

Не ги знаевме баш сите производители на чиста, здрава и правична храна кои викендов се собраа во Охрид на третото издание на настанот „Вкусете го Охрид“, во организација на Слоу фуд Охрид, ама тие што ги знаеме и за кои веќе сме пишувале, секогаш не изненадуваат и не радуваат со нешто ново, нешто интересно, нешто несекојдневно и дефинитивно, успешно и вкусно.

Викендов, поточно, на 27-ми јули, на плоштадот на Долна Порта, 25 производители ги наредија на своите импровизирани пултови своите вкусни домашни производи и иако изморени, некои од тоа што правеле и доправале, пакувале и товареле во своите автомобили до 3 наутро, за веќе во 7 да тргнат на пат кон Охрид, други пак, оние домашните (охриѓаните), исто така изморени од месење, печење, гмечење и пакување до доцна во ноќта, беа сепак среќни, возбудени, но и задоволни со есапот од продажбата, разменетите контакти, информации, нови познанства и стари пријателства.

Македонските тартуфи беа повторно оној магнет кој ги привлекуваше главно странските туристи кои само грабаа не прашувајќи за цена.

За тартуфите да го најдат патот доттука е заслужен господин Тони кој заедно со вредните кучиња-трагачи ги наоѓа и ги носи во нивната работилница во Скопје, а тие потоа, во рацете на неговата сопруга Валентина се претвораат во производи – со карактер и стил.

Тартуфите се извор на вечна инспирација за оваа креативна мајсторка постојано да создава нови комбинации со вкусови кои се толку добри што кај оние кои ќе ги пробаат постојано ја предизвикуваат истата реакција на шок – од раширени зеници до извици на задоволство кои не стивнуваат сѐ додека вкусот на испробаниот залак се распостила и ги шашардисува сите рецептори за вкус и за мирис.

И ако мислите дека и малите деца не знаат што е добро, вкусно и квалитетно, треба само да видите со какво задоволство нејзината внука Ева ги испробува и им дава „виза“ на сите производи од работилницата на баба Вале или како ќеркичката на Папас, најдобриот производител на славното охридско макало од лук, ги превртува очите и тропа со ноџето додека полека го топи во уста својот омилен производ, мармаладот од портокал и тартуфи на „Туф“.

И не само тие, светнаа од среќа и задоволство и очињата црни како маслинките во намазот со тартуфи, на трите мали културни Ромчиња кои прво бараа дозвола за да земат лепче намачкано со нешто за нив сосема непознато дотогаш.

На настанот запознавме и еден пар Полјаци кои шетаа од тезга до тезга упорно прашувајќи за ракијата со лаванда за која слушнале од нивните пријатели кои ја испробале минатата година и кои речиси летнаа накај пултот зад кој беа Јуле и Јорде, кои се очигледно подеднакво компатибилни и како брачни партнери и како производители и кои, освен онаа првата, жолтата ракија која гордо ја заноси етикетата на „Вк“, направија уште две успешни варијанти, споменатата ракија со лаванда и оној ликер со кафе за кои еден друг млад пар од Охрид пак, рече дека е како правен за нив.

Да, да, токму како за нив. Испробувајќи веќе смислија и како ќе го пијат измешан и паметно дозиран, ако не во утринското, тогаш сигурно во попладневното ајс кафе.

А можеби освен ликерот на нив делуваше и приказната и сликата на овие двајца двојно постари од нив, а очигледно сѐ уште и засекогаш вљубени партнери, подеднакво вљубени и во животот, во трките на Формула и во правењето ракија.

Особено е убава и приказната на Наташа Неданоска која овојпат, откако си месела, си сучела и си печела до раните утрински часови, сега, наместо зад пултот, си шеташе задоволно меѓу останатите посетители, додека нејзините тројца мускетари се погрижија за тоа нејзиниот труд вложен во сите тие пити, питулици, ѓомлезиња и други марифети, да ја добијат заслужената цена.

Долг беше списокот на производи, масло од лешници, мед и сирење, микро билки, кисел леб, намази од јатки од скопјанецот Владо, ама и од стружанецот Пеце кој сега веќе го „навежбал“ и првото македонско крафт чоколадо, па кашкавал и биено сирење, природни сокови, ама и вкусни домашни ликери од нане, вишна и зелени ореви од младиот поет и новинар, прилепчанецот Филип чија градина е веќе бренд сам за себе, па ајварче, пинџурче и вкусни мармалади во уште поубави амбалажи на Александра од „Моја бавча“, па уште вино и ракија, па дури и природни миризливи сапуни кои мамат да ги загризеш, иако, се разбира дека не се јадење.

Луѓето пробуваат и се јавуваат кај блиските за да прашаат, „ако не идиш, да купам и за тебе?“

Настанот заврши, а Охрид е полн, па следното собирање е во убавото Канео, на првиот охридски вински салон.

И единственото лошо нешто од сето ова што имаат среќа да го видат и да го вкусат домашните и странските туристи во Охрид е тоа што после ваквите настани полни со гурмански залчиња и голтки, тешко дека повторно ќе влезат во своите костими за капење.

Единствената забелешка од „Арт кујна“, барем една од оние кои веднаш можат да се поправат, овојпат не се однесува на храната и улугата на охриѓани, туку на музиката: Охриѓани, нели е греота да ја реметите убавината и духот на Охрид со таква музичка тортура само затоа што младите посетители и туристи, наместо на рокенрол, пораснале на турбо-фолк и на некојси глуп турбо-поп.