Маслинки во менито секогаш, а не само кога постите

Фото: Pexels
221

Повеќе луѓе кај нас ги јадат маслинките само кога постат, но со оглед на сите здравствени придобивки на овие малечки вкусни плодови, не е лошо да почнете да ги консумирате почесто

Регистрираниот нутриционист Никола Шубрук ги истражува здравствените придобивки од маслинките, од нивната содржина на здрави масти до нивните заштитни фитонутриенти.

Маслинките традиционално се одгледуваат низ Медитеранот, но и во Калифорнија, а ги има и кај нас. Нормално, во Дојран. Тие доаѓаат во различни нијанси на зелена и црна, во зависност од тоа кога се берат – зелената е недозреана, а црната, целосно зрела.

Откако ќе се соберат, маслинките или се пресуваат и се прави масло, или се сушат и потоа се маринираат – во спротивно имаат горчлив вкус. Може да се конзумираат цели (со отстранување на семката) или може да се користат во готвењето.
Маслинките се разликуваат по вкус и големина во зависност од нивната сорта, регион и маринада или полнење. Може да најдете маслинки означени по земјата – како шпански или грчки – или можеби сте повеќе запознаени со нивното специфично име на сортата, како што е Каламата.

Маслинките обично се богати со сол поради фактот што се сушени или спакувани во саламура или солена вода, која содржи околу 0,6 г сол на пет маслинки. Инаку, во однос на консумирањето на сол, препораките се: не повеќе од 6 г сол за возрасни и помеѓу 2 до 5 г на ден за деца во зависност од нивната возраст.

Кои се главните здравствени придобивки од маслинките?

Богати се со антиоксиданти
Маслинките се богати со растителни соединенија наречени полифеноли кои имаат ефективни антиоксидантни својства. Корисните ефекти на овие соединенија вклучуваат намалување на ризикот од хронични болести како што се атеросклероза и рак.

Имаат антиинфламаторни својства
Еден од полифенолите во маслинките се нарекува олеокантал. Се чини дека ова соединение ја дели истата фармаколошка активност како ибупрофенот и делува како природно антиинфламаторно средство. Интересно, ова корисно својство е поврзано со позитивни промени кај оние со ревматоиден артритис.

Го поддржуваат здравјето на срцето
Иако имаат висока содржина на масти, поголемиот дел од нив е корисен мононезаситен вид наречен олеинска киселина. Оваа масна киселина е поврзана со намален ризик од срцеви заболувања. Олеинската киселина може да помогне на овој начин со регулирање на рамнотежата на холестеролот и намалување на крвниот притисок.

Може да го поддржат здравјето на коските
Истражувањата на животни сугерираат дека растителните соединенија во маслинките помагаат да се спречи губењето на коскената маса, иако овие наоди изгледаат позитивно, за тоа како делуваат кај луѓето сѐ уште нема докази. Сепак, оние кои ја следат медитеранската исхрана се чини дека имаат помала инциденца на фрактури.

Дали се ферментирана храна?
Маслинките се една од најпопуларните ферментирани намирници, а познато е дека со конзумирање на таква храна додавате корисни бактерии и ензими во вашата цревна флора, што го зголемува здравјето на цревниот микробиом и дигестивниот систем и може да ја подобри вашата имунолошка функција.

Дали маслинките се безбедни за секого?
Како составен дел од исхраната на многу од најздравите популации во светот, маслинките се сметаат за добар избор за повеќето луѓе. Сепак, забележани се ретки извештаи за алергија, иако тие обично се однесуваат на поленот на маслиновото дрво, а не на плодот.

Процесот на сушење на кој се подложени маслинките ја зголемува нивната содржина на сол, па ако следите диета со малку сол, можеби ќе треба да ги намалите количините што ги јадете.