Ми текнало по пат да си зготвам нешто… Зелена бизнис идеја – шпорет за готвење во природа

359

Мобилен шпорет за готвење во природа, е македонската иновативна идеја што доби награда на регионалниот натпревар „Зелени идеи“. Наградениот Трајче Рушев од MobiStove вели дека неговиот пренослив шпорет е наменет за сите љубители на природата, од планинари и кампери, до велосипедисти и организатори на музички фестивали на отворено…

Пренослив шпорет за готвење во природа е иновацијата на Трајче Рушев кој ѝ донесе на Македонија награда од регионалниот натпревар на „Зелени идеи“ кој се одржува веќе 13 години и поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Грција.

„Ова е прв пат, мојата иновација Mobi Stove да се презентира регионално.

Се радувам што жирито ја препозна иновацијата и потенцијалот за комерцијализација и бизнис модел. Истовремено, ме радува и што сите присутни пројавија интерес за цена, нарачка и начин на достава.

Mobi Stove е шпорет со иновативен систем и дизајн, наменет за безбедно, лесно и ефикасно готвење во природа, користејќи минимална енергија достапна во природата како отпадна биомаса (суви гранчиња, шишарки, пелети, итн.), а притоа поради доброто и регулирано согорување да не
испушта загадувачки гасови.

Мојот производ е наменет за планинари, кампери, шумски работници, крос кантри велосипедисти, оператори на екотуризам, организатори на музички фестивали на отворено, со еден збор љубители на природата. Меѓувремено развивам модел кој ќе биде наменет за земјите во развој каде 2.3 милијарди луѓе готват на отворен оган и шпорети кои се неефикасни и испуштаат големи количини гасови. Регионалната победа е мотивација и можност овој патентиран производ што побргу да го има во продажба”, вели Рушев.

Освен оваа, жирито додели награди и на бизнис идеи кои се ориентирани да промовираат локална храна од земјоделци -ProdukteFresh (Косово), да произведуваат чанти од текстилни остатоци -Џулбег (БиХ), за филтрација на базени и загадени води со билки – НВО Љута (Црна Гора), за производство на модни додатоци преку работна интеграција на жени со нарушено
ментално здравје -HERC (Србија), промовирање на еколошки навики кај деца преку активности во
природа и продажба на садници -Дивови Златара (Србија) и на идејата за работна интеграција на луѓе со попреченост преку собирање на електронски отпад -NRG доо Чачак (Србија).

На регионалниот натпревар нашата земја учествуваше со уште две идеи: „Урбана фарма во контејнер за производство на микрозелени со аеропонски систем на одгледување “ на Снежана Јаќовска –(Интеллигент Индоор Фарм) и „BIOHIDE“ на Ангелина Серафимовска од ЛеатхерандХиде.

Натпреварот„Зелени идеи “ постои 13 години и е пионерска програма во поставување на
критериуми и вредности за бизниси кои истовремено прават добро за животната средина, се
важни за заедниците и имаат економска логика.

Здружението АРНО го организира натпреварот од 2015-та година во Македонија вклучувајќи обуки, медиумски апели и програми за поддршка за сите кои имаат идеја или зелен бизнис во почетна фаза од развојот.