Микропластиката во мозокот и нејзината врска со ултрапреработената храна

Фото: Freepik
27

Порано оваа година, научниците открија дека човечкиот мозок содржи приближно иста количина микропластика како во една пластична лажица.

Студијата, објавена во февруари во списанието Nature Medicine, открила дека количината на микропластика – ситни пластични честички помали од 5 милиметри – во човечкиот мозок се зголемува: концентрациите се зголемиле за околу 50% помеѓу 2016 и 2024 година.

Не само што е пронајдена повеќе микропластика во мозокот отколку во ткивото на црниот дроб или бубрезите, туку концентрациите на микропластика биле повисоки во мозоците на луѓето со деменција во споредба со оние без деменција.

Научниците сега истражуваат како микропластиката влијае на здравјето на мозокот, со посебен фокус на еден од најголемите потенцијални извори на микропластика – ултра-преработената храна (UPF).

Во серија од четири трудови објавени во списанието „Brain Medicine“, истражувачите поврзуваат растечки број на докази што сугерираат дека акумулацијата на микропластика во мозокот – особено онаа која потекнува од ултра-преработената храна – може да игра улога во зголемувањето на глобалните стапки на деменција, депресијата и други нарушувања на менталното здравје.

„Се соочуваме со број на докази што треба да нè загрижат сите“, рекол д-р Николас Фабијано од Универзитетот во Отава, коавтор на еден од овие научни трудови, во соопштение за јавност.

„Ултра-преработената храна сега учествува со повеќе од 50% во внесот на калории во земји како САД, а оваа храна содржи значително повисоки концентрации на микропластика од целите намирници“, рекол Фабијано.

„Неодамнешните откритија покажуваат дека овие честички можат да ја преминат крвно-мозочната бариера и да се акумулираат во алармантни количини.“

Комбинираното влијание на микропластиката и ултра-преработената храна

Научниците ја поврзале потрошувачката на ултра-преработена храна со негативните ефекти врз менталното здравје и истражуваат како ова се преклопува со акумулацијата на микропластика во мозокот.

На пример, тие цитираат преглед од 2024 година објавен во British Medical Journal, кој открил дека луѓето кои јадат ултра-преработена храна имаат 22% поголем ризик од депресија, 48% поголем ризик од анксиозност и 41% поголем ризик од лош сон.

Во трудот, научниците претпоставуваат дека микропластиката може да биде клучна алка во влијанието на ултра-преработената храна врз здравјето на мозокот, поврзувајќи го ова со податоци како оние што покажуваат дека, на пример, пилешките нагетси содржат 30 пати повеќе микропластика по грам од пилешките гради – забележувајќи дека преработката на храната може да ја зголеми содржината на микропластика.

„Ултра-преработената храна е поврзана со негативни ефекти врз менталното здравје преку воспаление, оксидативен стрес, епигенетика, митохондријална дисфункција и нарушување на невротрансмитерските системи. Микропластиката се чини дека дејствува на извонредно слични начини“, рекол Волфганг Маркс од Центарот за храна и расположение на Универзитетот Дикин во Австралија.

Микропластиката може да го зголеми воспалението во мозокот затоа што ја преминува крвно-мозочната бариера, покажала студија од 2023 година кај глувци, што може да го зголеми ризикот од невролошки заболувања и дегенерација, вклучително и Алцхајмерова болест.

„Она што произлегува од овој труд, не е предупредување. Тоа е повик за будење“, напишал д-р Ма-Ли Вонг, професор по невронаука на Медицинскиот универзитет Апстејт во Њујорк.

„Границата помеѓу внатрешното и надворешното паднала. Ако микропластиката може да ја премине крвно-мозочната бариера, што веќе можеме да сметаме за безбедно?“

Научниците сега се обидуваат да разберат до кој степен ултра-преработената храна е одговорна за негативните последици за здравјето на мозокот и што може да се направи во врска со тоа. Авторите предлагаат развој на индекс на микропластика во исхраната, кој би ја квантифицирал изложеноста на луѓето на микропластика преку консумирање храна.

„Иако треба да ја намалиме нашата изложеност на микропластика со тоа што ќе правиме подобри избори на храна и ќе избираме алтернативни амбалажи, исто така треба да истражиме како овие честички можат да се отстранат од човечкото тело“, забележал д-р Стефан Борнштајн во својот труд. Еден можен метод што го предлага Борнштајн е терапевтска афереза, процес на отстранување на крвта од телото и филтрирање на микропластиката – но забележува дека се потребни повеќе истражувања.

„Како што потрошувачката на ултра-преработена храна и нивоата на микропластика и бројот на негативни последици по менталното здравје се зголемуваат во исто време, императив е дополнително да се истражи оваа потенцијална врска“, рекол Фабиано. „Впрочем, затоа и постои изреката „ти си она што јадеш“.“