Моркови наместо помфрит? Уште подобро!

Фото: Pexels
113

Крцкавите и вкусни пржени моркови се достојна замена за класичниот помфрит и совршено ќе се вклопат во секој оброк.

Помфритот е класика што ја сакаме со различни јадења, но следниот пат кога ќе сакате да пробате нешто ново, заменете ги компирите со моркови и откријте сосема поинакво и подеднакво вкусен помфрит.
Крцкави однадвор, сочни одвнатре

Морковите со благиот земјен вкус и сладост се вистинско освежување во споредба со „скробните“ компири. Природно долги и тенки, совршено одговараат на формата на помфрит – сѐ што треба да направите е да ги исечете на стапчиња.

Со малку пченкарен скроб, брашно или презла и многу од вашите омилени зачини, стануваат крцкави однадвор и сочни одвнатре, со богат вкус кој може да му парира на класичниот помфрит.
Пред подготовката, задолжително излупете го надворешниот слој на морковот за да се открие неговото свежо, сочно јадро.

Помфритот од морков можете да го подготвувате на различни начини – со пржење на масло, пржење на воздух или печење во рерна.

Освен што се вкусни и лесни за подготовка, тие се и исклучително хранливи. Полни со витамини, минерали и антиоксиданти, што ги прави совршен избор за секој што сака да додаде повеќе зеленчук во секојдневната исхрана.

Како дополнително да ги збогатите

Иако морковите имаат препознатлив вкус, не двоумете се да си играте со зачините, тревките и сосовите за да им дадете дополнителна димензија на „помфритот“.

Можностите се многубројни!

Можете да ги поросите „компирите“ со лук во прав и рендан пармезан за совршена комбинација. Ако сакате малку пикантност, зачинете ги со малку чили. Комбинацијата на овие состојки ќе создаде богат вкус кој ја нагласува природната сладост на морковите.

Ако сакате нешто посмело, премачкајте ги со глазура од јаворов сируп за топла, зачинета нота или посипете ги со сув рузмарин или свежи ливчиња пржен босилек за хербален допир кој совршено ја нагласува свежината на морковите.

Сосот делото го краси

Што се однесува до сосот, можностите се бесконечни – послужете ги со кремаст сос од копар или медитеранска паста од таан.

Одлично ќе се комбинираат со стекови, сендвичи, риба на скара или јагнешко месо, но се одличен избор и како здрава ужина секогаш кога ви треба нешто вкусно и крцкаво.

Помфритот од морков е разновидна и прилагодлива алтернатива на класичниот помфрит, па слободно експериментирајте со вкусови и додатоци.