Најбрз и најздрав ручек: Бела морска риба – на лешо
Мол рибата, попозната како ослиќ, е морска риба богата со минерали и витамини, која поради малиот процент на маснотии е погодна и за диети. Таа е важен извор на протеини, како и на калциум, фосфор, калиум и витамини Б1 и Б2.
Рибата мол или, како што уште ја викаат, ослиќ, е морска риба со сочно, меко, бело месо кое е лесно сварливо и има одличен вкус, а поради малиот процент на маснотии, спаѓа во диетална храна.
Енергетската вредност на 100 г свеж мол е 71 kcal / 297 kj, од кои содржи 0,1% јаглени хидрати, 0,3% масти и 17% протеини.
Од хранлива гледна точка, рибата е исклучително важен извор на протеини, кои во споредба со месните протеини се карактеризираат со полесна сварливост (содржат помалку колаген), подобра искористеност и поповолен аминокиселински состав (особено кога станува збор за есенцијални амино киселини).
Освен макронутриенти, ослиќот е исклучително вреден извор на некои витамини и минерали: витамин Б1, витамин Б2, калиум, калциум, фосфор; тој е одличен извор на фосфор (30% RDA по порција); на витамин Б2 (25% RDA по оброк) и е добар извор на витамин Б1 (13% RDA по оброк) и калиум (13% RDA по оброк).
И згора на тоа што е и здрава и вкусна, ако ја приготвите онака како што ја приготвуваат во далматинската кујна, ќе имате и најбрз и најздрав ручек.
Значи, сѐ што треба е, да купите една свежа риба, да ја исчистите и да ја ставите во тенџере со вода, малку сол и исечкан кромид (некои ставаат и неколку чешниња лук и неколку зрна црн пипер).
Кога ќе се свари рибата (околу 20 минути), извадете ја од супата (послужете ја рибата посебно, со тоа што ќе ја прелеете во чинијата со маслиново масло и малку од супата во која се варела), а во остатокот на супата можете да сварите ориз или да ја зачувате за следниот ден, а да ја послужите рибата само со салата и лепче за макање.