Најмало лозје на светот: Италијанец одгледува грозје на тераса и продава вино за 5 илјади евра од шише

5.706

На минијатурен простор, ексцентричниот винар одгледува црвено грозје за само 29 шишиња годишно, кои се продаваат во уметничката галерија Бонсони Арте, неколку улици подалеку, за вртоглава цифра.

Италијанецот Тулио Масони произведува едно од најексклузивните вина во светот – но тој не сака никој да го пие. Претприемачот, колекционер на уметнички дела и поранешен инвестициски банкар го поседува, како што вели, најмалото лозје во светот. Сместено е на врвот на палата од 16 век во градот Реџо Емилија кој се наоѓа во сендвич помеѓу Парма и Модена, област што ѝ овозможи на Италија некои од нејзините најпознати извозни производи, вклучувајќи ги Ферари и Ламборџини, пршут ди Парма и рагу ала болоњезе, како и лазањи и тортелини.

Можете да го најдете лозјето на Тулио Масони на покривот на Виа Мари 10, што е и адреса и име на самото вино. Иако имал „вистинско“ лозје недалеку од градот, заклучил дека на него потрошил повеќе отколку што заработувал, па го продал. Како што изјавил за CNN, дваесет години подоцна се покајал и направил џебно лозје.

Во област со големина на гаража, односно на 18,5 квадратни метри, Тулио одгледува грозје од сортата Sangiovese за 29 шишиња годишно, кои се продаваат во уметничката галерија Bonsioni Arte, неколку улици подалеку, за неверојатни 5.000 евра.

„Моето вино е форма на уметничко изразување, филозофска провокација, нешто што треба да се чува во дневната соба за да можете да разговарате за тоа со вашите пријатели, да им кажете за лудиот кој изгради лозје на покривот“, рече Масони, кој го споредува неговото урбано лозје со тркалото од велосипедот на францускиот уметник Марсел Дишан – обично тркало што уметникот го поставил на стол во неговото студио во Париз во 1913 година, а набргу потоа ја дизајнирал познатата серија обични предмети претставени како уметност, наречена Редимејдс.
„Ако видите велосипедско тркало во дневната соба, а не во гаражата, ќе сфатите колку е убаво“, вели Масони. „Моето лозје е такво: неочекувано, го стимулира мозокот, поттикнува нови мисли. Виа Мари 10 е психо вино, масажер за мозокот, за нашата сива материја атрофирана од конвенциите и мисловните обрасци. Тоа е вино на жива креативност , симулакрум (копија без оригинал) на современите противречности на реалноста“, вели винарот.

Врската помеѓу виното и уметноста започнува со винова лоза која расте на решетките, дело на локалниот скулптор Оскар Акорси. Виното одлежува во уметнички дабови буриња на Лоренцо Меноци кои претставуваат маж и жена. Џузепе Камунколи, познатиот стрип уметник на Марвел, кој е роден во Реџо Емилија, ги потпишува етикетите на виното. Поради сето ова, Тулио ги охрабрува своите клиенти никогаш да не ги отвораат шишињата, туку да ги третираат како уметнички дела.

„Јас сум единствениот производител на вино во светот кој вели дека не треба да го пиете неговото вино“, вели тој.