Наутот се врати на голема врата: Мешунка полна со протеини и одлична замена за месо

270

Ако порано спомнувањето на наут не потсетуваше само на лошо кафе, односно, ни беше асоцијација на расипувач на вкусот на чистото кафе, денес, тој е незаменлив дел во секојдневната исхрана, особено во вегетаријанската

Во тоа време, кога уште бев дете и кога навистина верував во заканите дека ќе ми порасне опашка ако пијам кафе, па само љубопитно ѕиркав во филџаните на другарките на баба ми, ми беше чудно и нејасно кога меѓусебе зборуваа и судеа за тоа колку е добро или не кафето што го пијат, односно, дали станува збор за чисто кафе или кафе со наут.

А она кога баба ми ќе се пофалеше дека некоја пријателка ѝ донела сто грама чисто кафе, звучеше како најголема пофалба, како најдобра работа на светот.

Не се сеќавам кога го испив првото кафе. Веројатно воведот во тој чин бил најпрвин прстот брцнат во кафе, потоа неколку украдени голтки од шолјата на баба ми (бидејќи со годините се намалуваше и стравот од опашката). Знам само дека набрзо станав свесна за тоа што значи чисто кафе, а што кафе со наут.

Имено, како што се распивме кафе, па секој ден со сестра ми и другарките трошевме по сто грама, мајка ми почна да го меша со наут, образложението беше: татко ви има висок притисок, мора да го мешам.

Кога ќе го осетевме во кафето, следуваа расправии: Пак си го смешала кафето со наут?

Па не може татко ви да пие чисто кафе, вака му е подобро заради притисокот.

А зошто не си го мешате само за вас, а ние да си го пиеме чисто?

И така натаму, во недоглед.

Како и да е, тогаш немав поим ни што е тоа наут. Едноставно, не ми се допаѓаше неговиот вкус во кафето.

Арно ама, сега луѓето почнаа повторно да си мешаат кафе со наут, кафе со јачмен, а некои големи производители дури ја вратија и дифка (цикорија) на голема врата.

Епа, нашите постари дефинитивно знаеле што е добро, иако можеби не знаеле баш за што е точно добро.

Сега, откако наутот, во народот познат и како леблебија или слануток, се врати во кулинарството, знаеме дека станува збор за растение од семејството на гравот, односно мешунка, која е богата со витамини, минерали и растителни влакна.

И да, може да се користи и како додаток на кафето или како суровина за производство на замена за кафе.

Со мелење се добива брашно со висок процент на протеини и додавањето на ова брашно во брашното од житарици ја подобрува хранливата вредност на лебот и печивата.

Одлична замена за месо

Оваа незаменлива состојка во рецептите на многу национални кујни, особено израелската, индиската и либанската, е богата со протеини поради што е одлична замена за месото и производите од животинско потекло.

Наутот најмногу се користи за подготовка на готвени јадења, но најпознати јадења од Блискиот Исток се хумусот (намазот) и фалафелот.

Покрај протеините, наутот содржи и висока концентрација на минерали, како што се железо, калциум, магнезиум, калиум и натриум. Железото, калциумот, фосфатот, магнезиумот, цинкот, манганот и витаминот К кои се наоѓаат во оваа намирница придонесуваат за градење и одржување на структурата и цврстината на коските.

Високата содржина на влакна, калиум, витамин Ц и витамин Б6 влијае на подобрата работа на срцето.

Наутот содржи значителни количини влакна, кои помагаат да се намали вкупната количина на холестерол во крвта, а со тоа се намалува и ризикот од срцеви заболувања. Истражувањата покажуваат дека во нациите каде наутот е задолжителен дел од менито, има помалку коронарни заболувања.

Со оглед на тоа дека ова растение е добар извор на железо, варениот наут содржи речиси двојно повеќе железо од еднаква количина на месо. Покрај тоа, содржи многу калциум во комбинација со протеини кои овозможуваат негова апсорпција.

Редовната употреба на наут може да реши многу проблеми, како што се:

Намалување на холестеролот
Намалување на ризикот од развој на хронични заболувања (срцеви заболувања, дијабетес и рак)
Регулирање на варењето
Превенција на остеопороза
Исто така, помага да се отстранат сулфатите од крвта (тие се користат за зачувување на храната во прехранбената индустрија)
Се препорачува за сите трудници и доилки, бидејќи една шолја наут задоволува речиси 50% од нивните дневни потреби за фолна киселина.

А ако се борите да ослабнете, наутот е идеална храна за вас, со оглед на тоа што создава долготрајно чувство на ситост.

И затоа, консумирајте го во најразлични комбинации, како вариво, како намаз, како вегетаријански плескавици, во салати, а некогаш може и вака, потпечен со најразлични зачини по ваш вкус и помешан со домати и малку кашкавал.