Според СЗО, 116 земји низ целиот свет веќе ги оданочуваат безалкохолните и другите засладени пијалаци, но многу пијалаци со висока содржина на шеќер сè уште не се опфатени со даноците, меѓу нив, 100% овошните сокови, засладените млечни пијалаци и готовите кафиња или чаеви.
Засладените и алкохолните пијалаци се премногу евтини бидејќи не се оданочуваат доволно, што доведува до повисоки стапки на дебелина, дијабетес и други болести, алармираше неодамна Светската здравствена организација (СЗО).
Децата и адолесцентите се особено погодени од овој проблем, вели СЗО. Даноците на ваквите пијалаци треба да се воведат или да се зголемат, вели Светската здравствена организација. Ова би ги направило пијалаците поскапи, така што ќе се консумираат помалку, а во исто време ќе се соберат повеќе пари за здравствениот систем.
Според СЗО, 116 земји низ целиот свет веќе ги оданочуваат безалкохолните и другите засладени пијалаци, но многу пијалаци со висока содржина на шеќер сè уште не се опфатени со даноците, меѓу нив, 100% овошните сокови, засладените млечни пијалаци и готовите кафиња или чаеви.
– Здравствените даноци се едни од најмоќните алатки што ги имаме за унапредување на здравјето и спречување на болести, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус. СЗО, исто така, забележа дека најмалку 25 земји, претежно во Европа, вклучувајќи ја и Германија, немаат специфичен акцизен данок за вино.
За разлика од виното, силните алкохолни пијалаци како што се овошните ракии, коњакот, вотката или вискито подлежат на данок на алкохол, додека пивото се оданочува со посебен данок на пиво. Консумирањето алкохол може да доведе до болести, насилство и повреди, предупредува еден од директорите на СЗО, Етјен Круг.
По повод Светскиот ден на дебелината (4.Март) кај нас беше промовирана националната едукативна кампања „Круг на поддршка – за тежината да стане полесна“, во организација на Научното здружение за обезност ОБЕМ, со поддршка на Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Светската здравствена организација.
Во рамките на кампањата, Фондот за здравствено осигурување укажа и на потребата од отворена општествена дебата за два значајни фактори кои придонесуваат за зголемување на дебелината – прекумерната консумација на засладени пијалоци и високо процесирана храна (т.н. „џанк фуд“).
Во таа насока, беше потенцирана потребата од разгледување на можноста за воведување на данок на пијалоци засладени со шеќер (SSB – Sugar Sweetened Beverage Tax), мерка која во последната деценија е воведена во повеќе од 110 земји во светот. Целта на оваа мерка е намалување на консумацијата на пијалаци со додаден шеќер, а средствата собрани од овој данок да се насочат кон здравствени програми и превентивни активности.
Истовремено, беше повторно потенцирана потребата од забрана на продажба на „џанк фуд“ во училиштата, како и потребата од редизајн на училишната исхрана, со поголемо присуство на свежа и здрава храна.