Неодолива супа од лук и печен карфиол што ќе ви ја згрее душата

Фото: Pexels
79

Кремаста супа од печен карфиол преполна со вкус на печен лук – има ли подобра комбинација?

Во овој едноставен рецепт за супа од карфиол нема павлака или брашно, а можете да додадете дополнителна димензија на вкусот и текстурата со тоа што ќе ја послужите со крутони или тостиран леб.

Велат, ова е еден од оние рецепти кои се храна за душата, па најдобриот начин да ја започнете сезоната на чорби со стил е да го испробате токму овој едноставен, а сепак толку неодолив рецепт.

Состојки:

1 голема главица карфиол, исечкана на цветчиња
3 супени лажици маслиново масло
сол и бибер
1 главица лук
1 среден жолт кромид, исечкан на коцки
1 литар супа од зеленчук или вода
200 гр рендан чедар кашкавал
сечкан млад кромид по избор за украс
крутони или тостиран леб по избор за сервирање

Подготовка:

Загрејте ја рерната на 200°C. а плехот обложете го со хартија за печење.

Ставете ги цветчињата карфиол на хартијата, наросете ги со 1-2 лажици маслиново масло и обилно зачинете со сол и бибер. Што се однесува до лукот, излупете го однадвор и отсечете го одозгора за да бидат изложени поединечните чешниња лук.

Полејте го одозгора лукот со маслиново масло, завиткајте го лукот во парче фолија и ставете го на тавата со карфиолот.

Печете ги карфиолот и лукот 30-35 минути, превртувајќи ги на половина од времето за печење, додека карфиолот не порумени и не се карамелизира.

Додека карфиолот се пече, ставете една лажица маслиново масло во тенџере и кога ќе се загрее, додадете го кромидот исечкан на коцки и пржете 5-8 минути додека кромидот не стане проѕирен.

Со блендер измешајте го кромидот, печениот карфиол, печениот лук (кој едноставно сте го исцедиле од лушпата), супа од зеленчук или вода, сол и бибер.

Мешајте додека не се соедини околу една минута, а потоа вратете го назад во тенџерето и ставете го на средна топлина.

Оставете ја супата да зоврие, а потоа измешајте го внатре чедарот.

Мешајте 10-15 минути, вкусете и по потреба додајте зачини.

Украсете со зелен кромид и дополнително рендан чедар кашкавал. Послужете со крцкав тост или крутони.