Од кујната на диџеј Стем: Посни сармички со штавел, ноктец и брусници

366

Кога самиот поглед на фотографијата со полното тенџере ви го буди апетитот, а во ноздрите сѐ уште го чувствувате мирисот на сармичките со штавел и ноктец…Значи дека тоа бил ручек за паметење. Нормално, посни се

Нашите пријатели од Green republic велат дека порано, кога немало фрижидери, штавелот се користел за чување на путер кој се виткал во листовите, а бил познат како путер-штавел.

За оваа информација немаме сознанија, но знаеме дека пазарите се сега полни со овој лиснат зеленчук кој се користи за готвење, во чорби, како фил за пити, но и за виткање сарми.

Токму со сармички од штавел, нашиот пријател Александар Темков, познат и како диџеј Стем, ја отвори пролетната сезона на зелени посни сармички.

Овој скопјанец кој ја има сета музика на светот на плочи, цедиња и касети, кои заедно со своите грамофони, касетофони и радија ги чува како реликвии, е и голем гурман, вешт и во кујната, како и на своите ретки, но значајни настапи на музички фестивали.

Имавме можност да бидеме гости на еден убав пролетен ручек на коj тој беше и домаќин и готвач и диџеј, а вкусот на сармичките и вкусната салата од сварено цвекло, сѐ уште ги чувствуваме.


Филот на сармичките е направен од пропржен ориз, младо лукче и кромитче, сол, црн пипер и ноктец. Листовите штавел се толку свежи и меки, што немало потреба ниту да ги бланшира, туку се само измиени и со исечени дршки.

Се пропржуваат состојките за филот на малку масло, а потоа се виткаат сармички. Се редат во тенџере, на дното се става некој лист штавел и доколку сакате да експериментирате, додадете некое суво овошје, на пример, брусници. Одозгора се редат тркалца лимон. Ако постите на вода, може да го сварите оризот ал денте, да ги измешате состојките и да ги завиткате сармичките, а потоа да ги варите во малку вода. Се крчка околу 30-40 минути. Ако сакате, можете и да го ставите тенџерето во рерна.

Цвеклото се вари, се лупи, па се сече и се зачинува со маслиново масло, јаболков оцет, сол, ѓумбир и ким.