Одамна не сте пробале вистинска храна? Во сабота, во Градскиот парк ќе вкусуваме од традицијата

674

Другарка ми која летово дојде од Америка, постојано ме засрамува кога купуваме храна и пијалаци од пазарите и од нашите мали производители, затоа што на цел глас вика: „Лелее, еве, ова е вистинско, вистинска храна, како онаа на баба ми!!! Не, не, ова не се пропушта!“
Епа, ако и вие веќе го заборавивте вкусот на вистинската храна, дојдете на Националниот саем за храна и пијалаци во Градскиот парк, утре, 07.10. од 11 до 18 часот. Да се потсетите…

Секое лето кога доаѓа во Македонија, мојата другарка која инаку живее во Америка, се однесува не како да доаѓа од земја во која има и од пиле млеко, туку како некој кој одамна не видел и не вкусил храна. И постојано, кога ќе проба нешто од нашите мали производители на храна, ги шири очите како џамлии и доста гласно, коментира: „Лелее, еве, ова е вистинско, вистинска храна?! Вистинско е ова? Не, не, ова не се пропушта, ова е исто како храната на баба ми, или пак како она што го правеше мајка ми кога бевме мали, оф, сум заборавила колку е вкусно!“

Епа, ако и вие веќе го заборавивте вкусот на вистинската храна, дојдете на Националниот саем за храна и пијалаци во Градскиот парк утре, на 07.10. од 11 до 18 часот и ќе се потсетите…

Станува збор за вториот Национален саем за храна и пијалаци, највкусен и најголем саем за храна кај нас, на кој ќе може да се види, да се вкуси и да се купи, но и да се слушне сè за гурманската традиција и адетите околу неа, саем на кој локалните продукти и малите производители на добра, чиста и праведна храна ќе ви раскажат сè што сакате да знаете за нивните производи, од каде се, како се прават, низ чии раце поминале и од која мајка, тетка, баба или прабаба и прадедо го наследиле знаењето, земјата, овоштарникот, лозјата и рецептот.

Ќе има 80 штанда на кои ќе бидат изложени 2000 производи од 400 производители од целата наша земја, од Гостивар до Ресен, од Скопје до Прилеп, од Штип до Валандово, од Јегуновце до Демир Хисар, од Битола  до Кратово, од Пробиштип и Кавадарци до Радовиш, Охрид и Струга…

Слоу фуд Македонија по вторпат е дел од „Вкуси ја традицијата“, велат- свои на своето, на гастрономијата произлезена од колективната меморија, со производи инспирирани од долапите на бабите, па затоа и сè ќе биде лично, колоритно и богато.

Производителите од конвивиумите Слоу фуд Водно, Слоу фуд Битола, Слоу фуд Охрид, Слоу фуд Прилеп, Слоу фуд Осогово и од општините Богданци, Гевгелија, Дојран и Валандово со првиот президиум на Слоу фуд од Македонија, слаткото од зелени смокви, ќе ги изложат своите производи и на лице место ќе ја бранат агендата за добра, чиста и правична храна.

Ќе можат да се вкусат мармалади и слатко од сè што родила природата, ајвар, лутенка, лутиче и малиџано, најразлични зимници, вино и ракија, пиво и ликери од сè и од сешто, мед и маџун,  јаболков оцет од диви кисели јаболка, козјото сирење од Раштак, ама и овчото од Прилеп, од Дихово, биено сирење…, ореви, кошмишпите, ѓомлезе, комат, флии, млечни намази, путер од јатки, па буковска пипер, највкусните сувомеснати производи направени по рецептот на нашите татковци, дедовци и прадедовци, па дури и нешто што иако не е дел од македонската традиција, одлично се вклопи и изнедри некои нови и природни вкусови спакувани во мармалад од пиперки со тартуф, слатко од портокал со тартуф, масло од тартуфи и уште многу други чудесни вкусови со оваа чудесна печурка…

Сето ова, со знакот на полжавчето на Слоу фуд, ги има и трагите на оние што го создаваат.

За оваа пригода ни долета од Германија и нашата гордост, шеф Маре Јаневска која заедно со своите колеги од Алијансата на готвачи на Слоу фуд, Димитар Арнаудоски и Зоран Мајновски, ќе понуди мени стокмено од локални и сезонски производи и секој од нив со својата шефовска, готвачка и гурманска креативност ќе демонстрира зошто си ја сака татковината.

Во паркот ќе има и детско катче полно со интересни едукативно анимации, ќе се дознае нешто за биодиверзитетот, автохтоните семиња, а ќе се замеси и лепчето на баба.

Инаку, за разлика од минатата година, годинава временската прогноза е на наша страна.

Организаторите – Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Слоу фуд Македонија и ГИЗ,  ја почитуваат идејата достоинствено да создаваме нова традиција на стара тема. Дојдете да пробате, ако сакате да купите нешто по рецептите на нашите претци и да се потсетите кои сте и од каде сте.