Октоберајвар 2024: Кој уште не направил, време е, палете ќумбињата!

641

Во семејствата кои прават ајвар, тој се прави во периодот од крајот на септември па таму некаде до првите мразеви, кога лека полека градот, дотогаш исполнет со таа специфична и на сите нам добро позната миризба на неговото величество – ајварот, почнува повторно да мириса онака како што мириса кога не се прави ајвар и кога не цветаат липи – на бензин и на запалена пластика.

Да, уште е оној период во годината, Некои веќе го направиле ајварот во септември, но има и такви кои веќе традиционално или пак само затоа што се во дилема дали воопшто да прават оваа година, го прават во октомври.

Всушност, семејствата заразени од ајварскиот вирус го прават во периодот од крајот на септември па таму некаде до првите мразеви, кога лека полека градот, дотогаш исполнет со таа специфична и на сите нам добро позната миризба на неговото величество – ајварот, почнува повторно да мириса онака како што мириса кога не се прави ајвар и кога не цветаат липи – на бензин и на запалена пластика.

Ми се чини дека кај нас во маало сепак најмногу мириса на ајвар баш сега, во октомври.

Секако, не до толку како порано затоа што половина од луѓето се иселија, половина изумреа или остареа, а останатите се дојденци од други градови кои уште си го прават таму од кадешто дошле или им го прават родителите кои останале таму некаде, а потоа само си ги истовараат полните тегли пред нивните нови домови во моето маало.

Како и да е, знам дека со правењето на ајварот се почнува рано наутро.

Така беше додека уште беа живи баба ми и дедо ми, а потоа и нашите родители, а сега, кога воопшто и правиме, си почнуваме со работата околу ајварот кога ќе завршиме со другите обврски.

Понекогаш е тоа дури и накај 3-4 попладне.

Да не видат нашите, коса би им се кренала на глава. Ама пак би ни прогледале низ прсти затоа што воопшто и правиме со оглед на тоа што правењето ајвар со години беше и причина за кавги меѓу генерациите.

Старите сакаа, ние не сакавме. Мислам, не сакавме да правиме, за јадење, не правевме проблем.

Искрено, едвај чекавме да дојде до тоа и тогаш се забораваше на сите расправии кои ѝ претходеле на оваа семејна акција за правење на најглавната зимница на светот – ајварчето.

И така, сега ние си правиме кога ќе ни текне, ако ни текне и ако сме тука и ако не се премислиме во последен момент.

И секогаш се знае кој што прави, иако сега сме само тројца последни мускетари во потесното семејство кои понекогаш му се враќаме на правењето ајвар.

Ако ништо друго, за да се видиме меѓусебе затоа што поинаку не стасуваме.

Ќумбенцето е наместено и додека еден го пали огнот, другите (две) ги подготвуваат пиперките. Или, со други зборови, ги мијат и ги бришат.

Е потоа треба да се испечат, а дури потоа, честопати до доцна во ноќта, добро запотени во најлонските кеси, се лупат.

Некои ги оставаат да се цедат преку ноќ па потоа ги мелат, а некои, пак, ги мелат уште истиот ден. На крајот, ајварот се пржи.

И тогаш некако магично почнуваат на сите тројца да ни ѕвонат мобилните:

„Што правите?“, прашуваат нашите возрасни деца…

„Еве ништо, си седиме“, велиме ние не спомнувајќи ни А од ајварот.

„Па нели ајвар правевте?“

„Неее, се предомисливме“! Се смееме ние.

И тоа е, се е исто само генерациите се смениле и сега нашите улоги ги преземаа нашите деца.

Ама домашниот ајвар е навистина највкусен.

Со децении индустријата се обидува да направи ајвар, меѓутоа неговиот вкус ниту од далеку не е како на оној кој се прави во домашни услови.

Од година во година вкусовите се подобруваат и секоја година излегува по некој нов кој е „најдобар досега“, но ниту еден не е како домашниот ајвар.

Во меѓувреме, многу луѓе почнаа да заработуваат правејќи домашен ајвар и други домашни зимници, за други луѓе кои немаат време за тоа или едноставно, не сакаат да прават.

Така на пазарите сега можат да се најдат сите можни зимници во домашна варијанта, подготвени од рацете на некои вредни домаќинки кои на тој начин придонесуваат за семејниот буџет.

Сепак, ниту еден ајвар не е толку сладок како оној за кој убаво ќе се измачите и ќе си го подготвите заедно со своето семејство.

Конечно, подготовката на ајварот е составен дел на македонската семејна традиција, а и факт е дека дури и кога се прави по ист рецепт, ајварот во секоја куќа има различен вкус.

Колку што е конечниот вкус на ајварот резултат на малите тајни на семејниот рецепт кој се пренесува од колено на колено, од мајка на ќерка, од баба на внука, толку е и резултат од вештината и искуството на оние што го прават.

Само вистинските домаќини и оние со големо искуство знаат точно кога треба да се тргне тенџерето од огнот или да се додадат сол и зејтин.

Инаку, сите оние кои ја прифатиле оваа традиција за правење ајвар, имаат свој личен став за тоа каков треба да биде, дали треба да му се додаде малку лукче или модар патлиџан. Малку морков или само по некоја лута пиперка колку да се залути и ништо друго.
Правењето ајвар е мачна работа, но знае да биде и навистина добра забава и можност да се видите со најблиските и патем да дознаете за сите работи што сте ги пропуштиле.