Пробајте ги овие четири освежителни летни пијалаци, а потоа препуштете ѝ се на креативноста и обидете се да замените некои од состојките, да додадете некои нови или, можеби, смислете сосема нов пијалак на кој можете и сами да му дадете име.
Кога температурите ќе полудат, можете да се освежите со вкусни и здрави пијалаци кои се одлични за гаснење на жедта, ве разладуваат и ги прават долгите летни денови попријатни и повесели благодарение на интересните ароми и богатите вкусови, како и забавниот изглед.
Пробајте ги овие четири освежителни летни пијалаци, а потоа препуштете ѝ се на креативноста и обидете се да замените некои од состојките, да додадете некои нови или, можеби, смислете сосема нов пијалак на кој можете и сами да му дадете име.
Лимонада од ананас
Сладок, освежителен пијалак со тропски вкус кој е неверојатно лесен за правење е вистинскиот избор за жешко летно попладне. Тоа е исто така одличен начин да ја направите вообичаената класична лимонада нова и поинтересна.
Состојки:
1/2 чаша шеќер, 1 чаша свежо исцеден сок од лимон, 1 чаша сок од ананас (можете да го направите во блендер), 2 лажици сок од лимета, вода
Подготовка:
За да го направите едноставниот сируп, измешајте го шеќерот и 1 чаша вода во тенџере на средна температура додека шеќерот не се раствори. Тргнете од оган и оставете да се олади.
Во голем бокал, измешајте го изладениот сируп, сокот од лимон, сокот од ананас, сокот од лимета и пет чаши вода. Ставете во фрижидер да се олади или веднаш истурете во чаши полни со коцки мраз.
Смути од боровинки
Боровинките се главната состојка во ова освежително летно смути, но можете да користите малини, капини, јагоди или кое било друго овошје што ви се допаѓа… Сè зависи од вашиот вкус.
Состојки: 250 г боровинки (или шумско овошје по ваш избор), 1 банана, 250 мл јогурт
Подготовка:
Измијте ги боровинките и ставете ги заедно со бананата и јогуртот во блендер и блендирајте додека не добиете мазна, густа течност.
Истурете во чаши и послужете со неколку боровинки одозгора за декорација.
Совет: Добро изладете ги овошјето и јогуртот пред да ги блендирате во блендерот или додадете неколку коцки мраз во блендерот.
Домашен ладен чај од праски
Не мора да го купувате вашиот омилен чај од праски, можете да го направите сами без многу труд. Пијте го во текот на денот бидејќи совршено ќе ја изгаси вашата жед и ќе го задоволи вашето непце со својот благ, ароматичен вкус.
Состојки: топла вода, некој лесен чај во кесички (на пр. зелен чај, калинка итн.), 2 зрели праски, половина органски лимон, гранче свежо нане, 6 лажички шеќер
Подготовка:
Загрејте ја водата и кога ќе зоврие, додадете ги кесичките чај. Оставете пет минути, но не подолго за да не стане премногу горчлив чајот. Ќе ви требаат четири до шест кесички чај за цело шише вода.
Кога чајот ќе се олади, ставете го во стаклено шише, додадете го измиеното гранче нане и шеќер. Затворете го шишето со плута и нежно протресете.
Исечете го лимонот на парчиња, нежно исцедете го секое во шишето, а потоа додадете ги и парчињата во шишето.
Излупете ги праските, исечете ги на парчиња и додадете ги во шишето.
Оставете го чајот во фрижидер преку ноќ за да се впијат аромите на чајот, овошјето и нането, а послужете го следниот ден во чаши со коцки мраз.
Сорбет од лубеница
Овој супер освежителен летен пијалак можете да го подготвите за пет минути, а за него ви се потребни само три состојки. Не може да биде поедноставно и повкусно од тоа.
Состојки: 5 чаши лубеница исечена на коцки и без семки, 2 лажици шеќер (по желба), сок од 1 лимета
Подготовка:
Ставете ја лубеницата, шеќерот, сокот од лимета и една чаша коцки мраз заедно во блендер и блендирајте додека не добиете мазна, густа течност. Сервирајте веднаш.