Откријте ја тајната на совршената темпура

Фото: Unsplash
536

Крцкавата и вкусна темпура е начин на пржење на храна која ја усовршиле јапонските готвачи, а ја обожаваат ширум светот.

Што е темпура? Иако звучи егзотично, всушност е обична мешавина од брашно, вода и жолчка од јајце (а може да се направи и без јајце) во која храната, најчесто зеленчук и морски плодови, се потопуваат и потоа се пржат во врело масло. Тајната на совршената темпура е во подготовката на смесата, а кога добро ќе ја подготвите, ќе добиете крцкава кора која нема да ги маскира вкусовите на храната или нејзината текстура. Резултатот се лесни, нежни залаци кои се совршено крцкави, полни со вкус и апсорбираат многу малку маснотии.

Бидејќи темпурата е метод за брзо готвење, треба да се подготви непосредно пред пржењето.

Сировиот зеленчук и морските плодови (лигњи, шкампи или ракчиња) исечкајте ги на парчиња со големина на залак, добро исушете ги сите состојки и оставете ги на собна температура пред пржењето.
Истурете масло во длабок сад на длабочина од најмалку 3 сантиметри и загрејте до 180 Целзиусови степени. Многу е важно да ја одржувате истата температура во текот на целиот процес на пржење, бидејќи ако температурата падне, смесата ќе впие премногу масло и храната нема да биде крцкава, а ако температурата е превисока, ризикувате да изгори.

Еве како да ја подготвите смесата (темпура):

Во длабок сад ставете две жолчки и додајте две чаши ладна вода, половина шолја коцки мраз и две шолји брашно. Брзо измешајте ја смесата со дрвени стапчиња или со рачка од дрвена лажица додека не добиете смеса во која се гледаат грутчиња, ќе ви биде доволна половина минута. Не ја мешајте долго и не користете вилушка, бидејќи сакате само да ги споите состојките, но не и да го активирате глутенот.

Пожелно е во смесата да се гледаат џепчиња со суво брашно, што на темпурата ќе ѝ ја даде препознатливата крцкавост.

Сувите состојки (сечкан зеленчук и морски плодови) прво се валкаат во брашно, а потоа во смесата и се ставаат во загреаното масло. Морската храна е готова кога ќе порумени или за околу три минути. На повеќето зеленчуци им требаат околу две и пол минути, на пиперките, шпарогите и лиснатиот зеленчук им требаат две минути.

Извадете ја пржената храна во чинија врз хартиена салфета за да се впие вишокот маснотии и веднаш послужете ја со сосови или посипете ги со зачинета сол.