Овие намирници се како ботокс во чинија: Што треба да јадете ако сакате блескава и затегната кожа?

Фото: Pexels
915

Лошиот избор на храна е речиси сигурен пат до предвремено стареење на кожата. Значи, наместо филери и ботокс, вклучете ги овие 7 намирници во редовната исхрана

Има многу работи кои можат да направат кожата на лицето да стане и да остане сјајна и затегната, од серуми со ретинол, до третмани со различни уреди, до инјекции филери и ботокс. Сепак, основата за сјајна и здрава кожа е добро избраната исхрана, а лошиот избор на исхрана е речиси сигурен начин за акни, сува кожа и предвремено стареење на кожата.

Генерално се препорачува да јадете храна богата со антиоксиданти и здрави масти, да пиете многу течности и да го ограничите внесот на алкохол, да спиете доволно и да бидете физички активни. Меѓу намирниците кои се корисни за здравјето на кожата, се издвојуваат следните седум за кои се согласуваат и дерматолозите и нутриционистите и секако, не треба да ја заборавиме моќта на водата.

Кафеав ориз

Со цел дури да се обидеме да ги намалиме надворешните знаци на стареење, треба да консумираме доволно витамин Б3 или ниацинамид. Тоа е многу популарна состојка за нега на кожата поради нејзината способност да го зголеми нивото на хидратација, да се бори против хиперпигментацијата и нежно да го стимулира обновувањето на клетките.

Добар извор на витамин Б3 е кафеавиот ориз. Исто така, содржи селен, кој помага да се заштити кожата од оштетување и воспаление предизвикано од УВ зраците. Селенот придонесува и за растот на клетките, што ѝ помага на кожата да остане младешка.

Цитрусно овошје

Портокалите, грејпфрутот, лимонот, лиметата… се богати со витамин Ц, за кој е познато дека помага во зајакнување на имунолошкиот систем и го поддржува здравјето на кожата. Витаминот Ц, всушност, помага во производството на колаген, најважниот протеин во кожата, кој помага во намалување на видливите брчки и го зголемува протокот на крв во кожата, одржувајќи ја мека и младешка.

Витаминот Ц е моќен антиоксидан, што значи дека помага да се заштити кожата од ефектите на слободните радикали предизвикани од фактори на животната средина, како што се УВ зрачењето и загадувањето. Слободните радикали ја оштетуваат кожата, предизвикувајќи разградување на колагенот, што го забрзува процесот на стареење, вели дерматологот др. Гита Јадав.

Имајќи го сето ова на ум, добро е што почесто да вклучувате агруми на менито.

Лосос

Покрај витаминот Ц, протеините исто така силно го поддржуваат производството на колаген, играјќи важна улога во неговиот метаболизам. Протеините кои дерматологот Др. Ана Чакон особено им ги препорачува на сите кои сакаат да ги намалат надворешните знаци на стареење, се оние од масните риби како лосос, туна, инчуни и сардини. Покрај тоа што е добар извор на протеини, масната риба е добар извор на витамин Е, кој помага во борбата против слободните радикали и воспаленијата.

Црвено грозје
Моќна состојка позната по своите својства против стареење е ресвератролот, соединение кое се наоѓа во грозјето, особено црвеното грозје. Како и витаминот Ц, ресвератролот е ефикасен антиоксидант – со заштита на кожата од оксидативно оштетување, може да го забави појавувањето на знаците на стареење.

Кога јадеме храна со ресвератрол на природен начин помагаме во заштитата на телото од штетните надворешни фактори, како што се ултравиолетовото зрачење и воспалението, вели нутриционистот Алисон Бригам.

Кожата на црвеното грозје е особено богата со ресвератрол. И црвеното вино содржи ресвератрол, но познато е дека пиењето алкохол ја забрзува појавата на надворешни знаци на стареење на кожата, па затоа е подобро да ја добиете дозата на ресвератрол со јадење грозје.

Говедска супа

Веќе видовме дека колагенот е клучна хранлива материја за забавување на надворешните знаци на стареење, а консумирањето храна со соодветна количина на колаген може да ја подобри еластичноста и структурата на кожата, како и да ги подобри ефектите од хидратацијата. Производството на колаген во нашите тела се забавува со возраста, што го прави зголемувањето на неговиот внес уште поважно.

Одличен извор на колаген е говедското, а особено говедската супа. Покрај тоа што е богато со колаген, содржи протеини и витамини од групата Б, кои се исто така важни хранливи материи за забавување на надворешните знаци на стареење.

Семки од сончоглед

Семките од сончоглед се моќен извор на хранливи материи потребни за забавување на надворешните знаци на стареење, вклучувајќи протеини и селен, како и витамин Е. Ова е уште една хранлива материја која го поддржува здравјето на кожата.

Витаминот Е е клучен антиоксидант за нашата кожа. Со негово земање помагаме во одржување на еластичноста на кожата и ја штитиме од оксидативно оштетување.

Авокадо

Авокадото, кое често се смета за најздраво овошје, е уште еден добар извор на витамин Е. А научна студија спроведена врз жени покажала дека редовното јадење авокадо помага да се подобри еластичноста и цврстината на кожата на лицето.

Не заборавајте на добрата хидратација

Постојат многу можности за поддршка на вашата кожа и намалување на надворешните знаци на стареење преку храната што ја јадете, но не заборавајте да пиете доволно вода со нив, бидејќи меѓу најдобрите навики во исхраната за кожата дефинитивно е редовното пиење доволно количество вода и јадење храна со висока содржина на вода.

Добрата хидратација нема да ги промени брчките и старечките дамки, кои се природни знаци на стареење, но и последици од изложувањето на сонце, како и од генетиката, но доколку сте добро хидрирани, вашата кожа ќе биде поцврста, што значи дека фините линии на неа може да бидат помалку видливи.

Хидратацијата игра голема улога во изгледот и квалитетот на кожата, бидејќи придонесува за нејзината еластичност, производство на колаген, циркулација на крвта и регенерација на клетките на кожата. Затоа, конзумирањето на храна со висока содржина на вода придонесува за вкупната содржина на вода во организмот. Такви намирници се лубениците и краставиците.