Патка со маџун и слатко од зелени смокви, суши, вино, деликатеси…

360

Кога ќе ве поканат на дегустација на вино и ќе сфатите дека пола од присутните се од дипломатскиот кор, во неофицијална посета на Винската соба на нашиот пријател Дејан Донев, а трпезата, освен со прекрасните македонски вина крцка со деликатеси, е тогаш може да кажете дека ви е драго што сте се одзвале на поканата. Па кој би одолеал на македонски вина во комбинација со суши и паткини гради во сос од маџун и слатко од зелени смокви, нели?

Кога ќе ве поканат на дегустација на вино од една од нашите најдобри винарии (Дане Хермес, за која ќе пишуваме наскоро) и ќе сфатите дека освен локалната, многу сте ја засакале и јапонската кујна, но и дека пола од присутните се од дипломатскиот кор во неофицијална посета на Винската соба на нашиот пријател Дејан Донев, е тогаш може да кажете дека ви е драго што сте се одзвале на поканата.

Имено, беше неверојатно и неочекувано изненадување од амбасадорот на Јапонија во Македонија, Оцука Казуја-сан, да го прослави својот роденден и да присуствува на винската дегустација во оваа Винска соба во центарот на градот, во која секој четврток речиси цели две години се одвиваат тематски вински дегустации на вина од нашите и од винарии од странство.

Како и секогаш, на овие вински дегустации, не знаете кој ќе биде присутен до последен момент, но секогаш се тоа добри, културни и пристојни луѓе. Така и овојпат, со убави разговори во опуштена и пријателска атмосфера и договор за 2-3 следни приказни за нашите портали (арткујна.мк и мајкаидете.мк) и сето тоа, во комбинација со роденденот на јапонскиот амбасадор и во присуство на нашите нови познаници, словенечкиот амбасадор г.Грегор Прескер и неговата прекрасна сопруга Елвира Златиќ Прескер, како и уште двајца членови од словенечката амбасада во Скопје (г-ѓа Ѓуле Вишај и г. Бранко Скрбинек) и нашата веќе добра пријателка, Кјоко Нишикава, готвачка во јапонската амбасада, ние, од Арт кујна, навистина уживавме.

Иако, како што често знаеме да се пошегуваме и нам работата не ни е лесна – мора да се појавиме на толку многу настани со вкусна храна и пијалаци, што понекогаш се прашуваме – како воопшто издржуваме?!

Шега на страна, најубавото од сето ова е што секогаш овие настани завршуваат со еден куп нови контакти и можности за многу нови, интересни и убави приказни.

Патем, освен интересните вински дегустации, од настан во настан, сѐ побогата и поинтересна станува и трпезата во Винската соба на Дејан, па освен во вината, сега нејзините посетители уживаат постојано и во нови и вкусни специјалитети.

Нашата драга Кјоко-сан беше заслужна за најинтересните специјалитети на овој четврточен неофицијален и полудипломатски настан, што е и разбирливо со оглед на тоа што го прославувавме и роденденот на јапонскиот амбасадор.

Така, на масата, освен редовното мезе со деликатесите кое го подготвува домаќинот, централно место имаше и сушито од кујната на Кјоко-сан, како она со лосос, така и она со зеленчук, а особено е прекрасен начинот на кој таа успева да ги вметне во нивната традиционална јапонска кујна и нашите македонски производи. Па така, паткините гради беа прелиени со превкусниот маџун од винаријата Захарчев и послужени со македонското единствено слатко од зелени смокви.

За сушито веќе знаеме дека го прави со кочански ориз за кој вели дека е одличен за оваа намена.

Патем, месото од патка е добар извор на тиамин, рибофлавин, ниацин, витамин Б6, фолна киселина, фосфор, селен и има добра содржина на протеини.

Изгледа дека Арт кујна е секогаш на вистинското место и во вистинско време, нели?