Пензионерка од Скопје ги освои Канаѓаните: Еколошките восочни обвивки на Соња Димитровска се бараат како алва

3.157

Економистка во пензија, скопјанката Соња Димитровска, која ги исполни своите пензионерски денови со нов ангажман, изработка на еколошки восочни обвивки како нејзин придонес за зачувување на природата, отиде на гости во Канада и стана вистински хит помеѓу локалните жители


Соња Димитровска е пензионерка од Скопје која силно верува во колективната свест и во тоа дека секој индивидуален избор влијае на сите нас. Токму ова ја натерало да даде свој придонес за зачувување на природата, но и да си ги исполни пензионерските денови. Таа изработува еколошки восочни обвивки кои иако не се новина во светот, сепак го привлекле вниманието на локалните жители во Канада каде што таа престојува веќе 4 месеци, во посета на ќерката и семејството, со својата уникатност и со квалитетната изработка.

„Во Канада сум веќе 4 месеци во посета на ќерката и фамилијата. Промоцијата на ЕКО восочните обвивки се случи на покана на пријателка да ги презентираме нашите уникатни производи на летниот фестивал во градот Мифорд, туристичко место на канадското крајбрежје на езерото Хурон. Одзивот беше забележителен бидејќи восочните обвивки како еколошка алтернатива се веќе препознатливи и доста употребувани од страна на локалното население, но Канаѓаните беа воодушевени од разноликоста на дезените и шарите на ЕКО восочните обвивки. Со оглед на тоа што во Канада обвивките (wax wraps) се широко достапни и секојдневно се користат, моите ЕКО восочни обвивки предизвикаа посебен интерес поради уникатноста и квалитетот на рачната изработка“, вели оваа креативна скопјанка.

Неодамна се случило и нејзиното второ учество на летниот маркет во гратчето Овен Саунд каде што госпоѓа Соња престојува.

„Во непосредна комуникација со посетителите ми оставија посебен впечаток нивната свесност за еко-одржливо живеење и изградените навики за користење на еколошки алтернативни материјали во секојдневното живеење“, раскажува таа.

Инаку, госпоѓа Димитровска ги изработува ЕКО восочните обвивки веќе 4 години. Тие се нејзин придонес кон еколошко живеење и ослободување од пластичните материјали кои се тешко разградливи. Предноста е во тоа што се реупотребливи и се користат со години. Најчесто се користат за завиткување на зеленчук, овошје, леб, сендвичи, кашкавал и придонесуваат храната да остане свежа подолго време. Единствено не препорачува во нив да се чуваат месо или сувомесни производи.

Восочните обвивки за храна не се иновација во светот, но беа и сѐ уште се новина на нашиот пазар и, за жал, не се широко прифатени што и не е многу чудно ако се земе предвид дека не можеме да се пофалиме со висока еколошка свест.

А госпоѓа Соња, како жена со став и немирен дух, очигледно дека не се предава толку лесно. Со многу обиди и експерименти ја усовршила својата уникатна техника за нивна изработка.

„Еколошките обвивки се мојата борба со загадувањето од пластика и создавање на отпад. Љубовта кон природата и желбата за живеење во еколошки чиста животна средина, секојдневно ме инспирираат и го поттикнуваат мојот порив за креирање и уживање во убавото“, вели таа.

ЕКО восочната обвивка е направена од 100-процентен памучен материјал и природен пчелин восок. Обвивката „дише“ и овозможува хранатa да остане подолго свежа, со што се намалува прекумерното фрлање храна.

Со топлината на дланките восочните обвивки омекнуваат, лесно се обликуваат според формата на она што се завиткува. Се одржуваат многу лесно и по секоја употреба може да се измијат во млака вода со благ детергент, природно се сушат и одново се подготвени за употреба.

„Восочните амбалажи може да се употребат и стопати, доколку се внимава за да не се искрши восокот. Многу е важно што заради антибактериските својства на обвивката овошјето и зеленчукот многу подолго траат. На пример, исечено јаболко не оксидира, а зачините не се сушат ниту пак мувлосуваат како што се случува кога стојат во кеса. На тој начин, додека половина од жителите на светот гладуваат, се ублажува еден од најголемите проблеми на денешнината, фрлањето храна“, вели Димитровска и додава дека, иако процесот на изработка не е брз и едноставен, таа со многу ентузијазам ја создава и креира секоја обвивка посебно, знаејќи дека со тоа, во своите пензионерски денови прави нешто добро за планетата и за човештвото.