Песто од демирхисарска коприва

Фото: Арт кујна
55

Нашата пријателка Јасмина Котевска од демирхисарското село Суводол која изминатиов период престојуваше во Скопје, освен што кога доаѓа тука не пие скопска вода, туку си носи вода од чист извор во нејзиното родно место, зема со себе сѐ што може да понесе оттаму. Меѓудругото, овојпат, и голема количина коприва.

Нашата пријателка Јасмина Котевска, по професија е магистер по историја на уметност, чија моментална вокација, покрај професијата, е одгледувањето на овци. Но, таа е и нешто друго – прекрасна личност и прекрасна ќерка, целосно посветена на семејството.

Во 2014. година поради семеен здравствен проблем, се одлучила перманентно да остане во своето родно село и оттогаш се занимава со фармерството, се грижи за нејзината мајка, му помага на татко ѝ и преку нејзиното здружение за промоција на култура, уметност, материјален и духовен развој Центар за креативни индустрии – НЕБО, организира бројни културни настани.

Е каква врска има сега сето тоа со копривата и пестото?

Епа има. Јасмина која изминатиов период престојуваше во Скопје, освен што кога доаѓа тука, не пие скопска вода, туку си носи демирхисарска, од чист извор во нејзиното родно место, таа зема со себе сѐ што може да понесе оттаму, па меѓудругото, овојпат донесе и голема количина коприва.

Токму дел од таа коприва која Јасмина обично ја замрзнува за да може да трае подолго, заврши во кујната на Арт кујна, како песто.

Пестото од коприва е идеален начин да се искористи ова исклучително здраво растение, бидејќи го користите растението сирово, а со тоа ги внесувате сите корисни хранливи материи што ги содржи.

Копривата е богата со хлорофил, протеини, витамини Ц, А, Б2, Б5, К, како и минерали (фосфор, железо, магнезиум, бакар, калиум, силициум).

Можете да го намачкате овој намаз на леб, да го јадете со крекери или да го додадете во тестенини и салати.

Еве го рецептот за пестото од коприва, а ако сакате да видите зошто е оваа коприва толку посебна, под рецептот е видеото направено од визуелниот уметник Стефан Шашков, кое го отсликува секојдневјето на нашата драга Јасмина, во демирхисарското село Суводол.

Ќе ве воодушеват овие рурални универзуми неизвалкани од цивилизациските нуспродукти: ливадите од кои е набрана копривата, воздухот, животните и луѓето, сето тоа се состојки на една инспиративна слика за природните убавини на ова демирхисарско село и ќе ви стане јасно зошто кога доаѓа во Скопје, Јасмина си носи со себе дури и вода.

Состојки:
1 млад лук
1/2 чаша смелени семки од сончоглед, ким, индиски оревчиња и малку кориандер
3-4 лажици маслиново масло
4 чаши коприва (претходно само ја преливме на 2-3 минути со врела вода и ја исцедивме)
2 лажици сок од лимон
1/3 лажичка сол

Приготвување:
Ставете ги сите состојки во блендер и мелете ги на голема брзина. Пробајте и доколку е потребно додадете повеќе масло или малку вода, сол или бибер. Ставете го готовото песто во тегла. Можете да го чувате во фрижидер до 2 недели или можете да го замрзнете.