Зеленчукот е богат со антиоксиданти, витамини, минерали и фитохемикалии, а се препорачуваат најмалку 500 грама разновиден зеленчук дневно.
Јадењето зеленчук секој ден може да ја подобри кардиореспираторната кондиција или да ја зголеми способноста на телото да снабдува и користи кислород за вежбање. Овој факт го потврдило професионалното здружение на кардиолози во студија објавена во Европскиот журнал за превентивна кардиологија (European Journal of Preventive Cardiology). Со неа придобивките од јадењето зеленчук биле изедначени со придобивките од вежбањето, поточно, со 4.000 чекори дневно.
Како зеленчукот влијае на срцето?
Поради богатството од антиоксиданти, витамини, минерали и фитохемикалии што се наоѓаат во овошјето и зеленчукот, придобивките што ги даваат се корисни за крвниот притисок, холестеролот и одржувањето здрава тежина. Затоа е тешко да се заменат со додатоци во исхраната. Влакната во зеленчукот се врзуваат за холестеролот, што помага во намалувањето на вкупниот и LDL холестеролот. Покрај тоа, консумирањето повеќе влакна, според публикацијата во научното списание Hypertension, ги поттикнува цревните бактерии да произведуваат соединенија што го намалуваат крвниот притисок.
Кој зеленчук е најдобар за вашето срце?
Препорачливо е да се јадат најмалку 500 грама зеленчук дневно, и тоа разновиден, што значи многу боја на вашата чинија. Тоа можат да бидат црвени пиперки, зеленa боранија или жолта тиква. Националниот институт за срце, бели дробови и крв ги наведува лиснатите зеленчуци (спанаќ, кељ, зелка, брокула и моркови) како добри сојузници во исхраната за здравје на срцето. Кардиолозите и диететичарите исто така го поддржале ова истакнувајќи ги своите фаворити.
- Лиснат зеленчук
Зелениот лиснат зеленчук е главен диететски извор на нитрати, фитохемикалија во зеленчукот што го намалува крвниот притисок и го подобрува протокот на крв.
– Тие се полни со антиоксиданти, витамини А, Ц, Е и К, и обезбедуваат фолна киселина, витамин Б кој го поттикнува здравјето на срцето – објаснува кардиологот Марк Ајзенберг.
Само една шолјичка од овие зеленчуци дневно, според оваа студија, ќе направи многу за здравјето на вашето срце. Тоа можат да бидат спанаќ, рукола, кељ…
- Цвекло
Овој коренест зеленчук е уште еден извор на антиоксиданти, влакна и минерали. Цвеклото е исто така исклучително богато со нитрати, а неговиот сок е докажано дека го намалува крвниот притисок.
– Откако некое лице ќе консумира нитрат, телото го претвора во азотен оксид, кој ги отвора крвните садови и го стимулира протокот на крв, што резултира со помал притисок во артериите – објаснува диететичарката Натали Рико, со која се согласува и кардиологот Ендру Фримен.
Покрај кисело, цвеклото можете да го консумирате и печено и во смути со банана и ореви.
- Артичоки
Артичоката е медитеранско растение и припаѓа на истото семејство како и сончогледот. Листовите содржат активни компоненти цинарин и разни флавоноиди, од кои особено се издвојува лутеолинот. Научните истражувања кои датираат од 1930-тите години покажале дека артичоката го стимулира производството на жолч во црниот дроб, што ја прави корисна за луѓето кои имаат тешкотии со варењето на мастите. Екстрактот од лист од артичока е докажано дека го намалува нивото на холестерол во крвта. Покрај горенаведените придобивки, артичоките содржат највисоки нивоа на антиоксиданти од кој било друг зеленчук, според студија објавена во Journal of Agricultural and Food Chemistry.
- Шпаргла
– Шпарглата содржи аспарагин, соединение кое може да го подобри протокот на крв и да помогне во намалувањето на крвниот притисок, изјавила диететичарката Грејс Дероча за Today.com.
Покрај тоа, овој зеленчук е познат по тоа што има диуретично дејство, кое му помага на телото да се ослободи од вишокот натриум и со тоа да го намали крвниот притисок.
- Домати
Тие се богати со ликопен, моќен антиоксидант за кој се верува дека има заштитен ефект врз кардиоваскуларниот систем. Јадењето домати може да го подобри крвниот притисок и протокот на крв и да ја намали големината на плаките што се акумулираат во артериите. Ликопенот е особено добро апсорбиран од телото кога доматите се јадат со масти. Затоа, збогатете ги вашите домати со маслиново масло.