Пиете флаширана вода? Научниците објаснуваат зошто водата од чешма е подобра

Фото: Unsplash
251

Во текот на изминатата деценија, глобалното производство на флаширана вода се зголеми за 73 проценти, достигнувајќи речиси 270 милијарди долари и 350 милијарди литри.


Половина од парите потрошени во светот за флаширана вода, чија потрошувачка буквално експлодираше во последните децении, би биле доволни за да се обезбеди универзален пристап до питка вода, покажува студија на Обединетите нации.

Доколку потрошувачите престанат да пијат флаширана вода, тие исто така ефикасно би придонеле за намалување на загадувањето со пластика, со оглед на тоа што 85 проценти од овие шишиња завршуваат на депонии, се додава во извештајот.

Авторите истакнуваат дека изборот на потрошувачите за тоа што да пијат е силно под влијание на длабоко вкоренети предрасуди.

„Тие веруваат дека флашираната вода е поздрава“, објаснува Зеинеб Булел, раководител на студијата на ОН објавена во април годинава.

„Сепак, покажавме дека ова не е нужно точно, а исто така покажавме дека луѓето плаќаат премногу за флаширана вода, од 150 до дури 1.000 пати поскапо отколку што чини еден литар вода од чешма“, вели научник од Институтот на Обединетите нации за вода, животна средина и здравје со седиште во канадскиот град Хамилтон.

Загадувачи се пронајдени во стотици продажни марки во шишиња од повеќе од 40 земји и честопати ги надминуваат локалните и светските стандарди, се истакнува во извештајот.

Текстот, исто така, предупредува на сериозен недостаток на регулативи за производство на шишиња. Се истакнува дека владите не успеваат да го следат галопирачкиот раст на тој сектор.

„Неконтролираната експлоатација на подземните води за целите на флаширање и продажба“ со текот на времето може да доведе до осиромашување или драстично намалување на подземните резерви на вода за пиење, велат авторите.

Милијарди без пристап до вода за пиење
Две милијарди луѓе во светот сè уште немаат пристап до квалитетна вода за пиење, предупредува еден од авторите на студијата, Владимир Смахтин.

Постигнат е одреден напредок, се вели во студијата. Во 2020 година, 74 проценти од светската популација имала пристап до безбедна вода од чешма, во споредба со 62 проценти претходната година.

Но, „сè уште сме многу далеку“ од постигнување на целта на Обединетите нации за обезбедување пристап до вода за пиење за сите жители на планетата до 2030 година, вели Смахтин. Тој предупредува дека „сегашниот тренд не е одржлив“.

Авторите на извештајот на ОН, исто така, повикуваат на многу поголема транспарентност и ги повикуваат земјите да донесат законски мерки што би ги обврзале производителите јавно да објавуваат податоци за тоа колку кубни метри вода црпат и редовно да ги проценуваат еколошките последици од нивните активности.

Во текот на изминатата деценија, глобалното производство на флаширана вода се зголеми за 73 проценти, достигнувајќи речиси 270 милијарди долари и 350 милијарди литри.