Плескавици од тиквички и киноа со сос од јогурт

Фото: Арт кујна
59

Еве еден лесен, ама сепак прилично заситен ручек.

Овојпат тиквичките ги искомбиниравме со варена киноа и направивме одлични плескавици со кои едноставно нема да ви оди да јадете леб.

Доволно е да си направите прелив од јогурт, лукче, копар и малку сок од лимон и една голема зелена салата.

Еве го и рецептот за овие веге плескавици:

Состојки:

2 тиквички

1 шолја варена киноа

2 јајца
3 лажици пченкарно брашно
3 лажици презла
30 г рендан пармезан (ние не ставивме)
2 чешниња лук по желба
1 лажичка сол
мешан бибер

Приготвување:
Добро исплакнете ја киноата и ставете ја во лесно посолена вода да се вари околу дваесет минути, додека не ја впие целата вода и не омекне (соодносот на киноа и вода е 1:2).

Ставете ја сварената киноа во цедалка за да се олади. Повремено промешајте ја со вилушка.

Измијте ги тиквичките и изрендајте ги. Откако ќе пуштат вода, исцедете ги.
Измешајте ја изладената киноа и тиквичките.

Додадете јајца, брашно, презла, пармезан, сечкан лук, сол и бибер.

Добро измешајте.

Смесата треба да биде компактна, не тврда и малку влажна.

Наредете ги врз хартија за печење во тепсија и печете во загреана рерна ококлу 15 минути, па превртете ги од другата страна и печете уште 15 минути.
Одлични се и топли и ладни. Можете да ги послужите со салата и со освежителен прелив од јогурт, лукче, копар и сок од лимон.