Послушајте го аманетот на скопјанката Сања: Не ја игнорирајте крвта во столицата, направете колоноскопија, променете го начинот на исхрана

1.557

Март е месец за подигање на свеста за ракот на дебелото црево, кога се прават напори да се подигне свеста за важноста од рано откривање и превенција. Токму она за што се залагаше и Сања Бајалска, можеби единствената кај нас која јавно зборуваше за својата борба. За жал, за неа беше доцна…

„Ракот на дебело црево најлесно се спречува ако се оди навреме на колоноскопија, во спротивно, тој е на второ место по смртност после ракот на бели дробови. Не знам како е решено законски, но матичните треба да ви укажат и да ве испратат на специјалист после 50-тата година. Во многу земји веќе се бара да се намали таа старосна граница. Не се срамете од ништо и зборувајте за работата на вашите црева, за хемороидите, подуеноста, заморот, ако имате слуз во столицата….. Раното дијагностицирање, спасува животи. И прочитајте го пак моето интервју, можеби ќе спасите нечиј живот“, напиша скопјанката Сања Бајалска на својот Фејсбук профил една година пред крајот, пред поразот во нејзината најголема битка во животот, онаа со ракот на дебелото црево. Интервјуто со неа го направивме во октомври 2018, а Сања почина во август 2020.

Можеби не го забележа навреме, или пак не реагираше навреме на овој свој последен сопатник, ама наоѓаше доволно енергија и сила за да биде постојано активна на својот Фејсбук, апелирајќи за зголемување на свесноста за потребата од превенција од рак на дебелото црево.

Објавуваше и статии од британката Дебора Џејмс, нејзина сопатничка и активистка за борба против ракот на дебелото црево која, за жал, почина во јуни 2022 година, на 40-годишна возраст.

Омилена реченица и на двете им беше: Проверете го вашиот измет – тоа може да ви го спаси животот!“

Дебора беше во Британија речиси на ниво на медиумска ѕвезда и ги добиваше најдобрите третмани. Сања добиваше колку што ќе платеше, а плаќаше за сѐ. Одеше на хемотерапии, направи дури три операции, а ракот сепак се рашири низ нејзиното тело, доби метастази кои се раширија на нејзините бели дробови, црниот дроб, јајникот, стомачната марамица.

Со секоја операција ѝ беа отстранувани дел од метастазите и по некој орган.

Постојано се консултираше со лекарите, ги слушаше нивните совети, многу читаше и се информираше и постојано настојуваше да се направи уште нешто, да се проба уште нешто, зашто болките ѝ беа неподносливи, а животот мачен.

Многу страдаше па често знаеше да каже: „Ова не е живот, сакам еутаназија“, но, не се предаде толку лесно.

Март е месец за подигање на свеста за ракот на дебелото црево, кога се прават напори да се подигне свеста за важноста од рано откривање и превенција. Многу луѓе не се свесни дека ракот на дебелото црево не би се појавил во повеќето случаи бидејќи може да се спречи со два клучни чекори – промена на начинот на исхрана и колоноскопија, преглед кој може да биде клучен чекор што ќе ви го спаси животот.

Токму тоа е и причината поради која повторно ќе се навратиме на Сања која дури и од болничкиот кревет, споделуваше сѐ што ѝ се случува и настојуваше нејзиниот апел за навремено откривање и превенција од рак на дебелото црево да допре до што поголем број луѓе.

„Јас веќе заглавив и ќе си ја тргам маката, но важно ми е да направам сѐ за да се крене свеста кај луѓето за овој вид на рак кој практично, ако се открие навреме, е тип на рак што најлесно се превенира со вадење на полипите преку интервенцијата наречена колоноскопија. За сите други видови на рак е потребна операција. Затоа е навистина многу битна превенцијата.

Јас секоја година, редовно одам на мамографија и на гинеколог, но за ова не знаев ништо. Сега знам сѐ, но предоцна….сега, наместо да отидев и со колоноскопија да ги решев полипите кои сигурно сум ги имала пред да се претворат во рак, морав да одбирам помеѓу Сцила и Харибда, да примам хемотерапија или да експериментирам со алтернатива па да видам што ќе се случи. Јас ја одбрав хемотерапијата“, раскажуваше Сања во своето интервју за „Плус инфо“.

Кога е столицата крвава, не велете си себеси: тоа се само хемороди!

„Две години пред дијагнозата забележав дека имам малку крвава столица, но како и повеќето луѓе, ја направив истата грешка па си реков, ништо, сигурно се хемороиди. Потоа се појави друг проблем за кој можев да претпоставам дека е тоа што подоцна излезе дека е, симптом за рак на дебело црево, ама и на тоа се трудев да не мислам. Околу 7-8 месеци имав слузава столица. Тоа не ѝ го ни споменав на мојата матична лекарка, но му го спомнав на специјалистот во „8 Септември“ кај кого одам еднаш годишно за да ми препише лек за астмата. Тој веднаш ме прати на Гастро, кадешто под итно ми направија ехо и ми закажаа гастроскопија и колоноскопија.

Ми направија гастроскопија, а тоа кај нас се прави без анестезија и претходна подготовка. Никој не ми кажа ништо. Не се ни тие виновни, затоа што имаат по еден пациент на секои 15 минути, како на лента. Гастроскопијата ми беше многу стресна, ми кажаа дека имам гастрит и кила, па ја откажав колоноскопијата. Никој не ми кажа дека има опција за колоноскопија со анестезија и дека доколку имам полип, истиот може да се реши веднаш, во истата постапка, а дека во спротивно, полипот може да премине во рак.

Многу работи тогаш не знаев па му кажав на докторот дека нема да одам на колоноскопија, а тој ми кажа: никој не може да те натера со сила да одиш, но ти препорачувам да го направиш тоа во рок од 6 месеци. Од тогаш поминаа 2 години.

Летово, стомакот ми отече, огромен ми беше, имав и проблеми со подригнување, но мислев дека причина за ова се моите проблеми со желудникот. Почнав да чувствувам и болки од десна страна, но подносливи, па си ги поднесував. Пологично ми беше да одам да се прегледам на гинеколог, отколку да одам на колоноскопија мислејќи дека е некој гинеколошки проблем.

Но не беше.

Дијагноза, операција, соочување со болеста

На 12 јули бев на погреб кај мајката на една другарка. Седевме на клупа и таман дојде попот, станавме за да влеземе во капела кога почнав да се чувствувам чудно. Ѝ кажав на сестра ми, седнав на клупата и потоа не се сеќавам веќе ништо. Сум се онесвестила. Три дена потоа, бидејќи сѐ уште не се чувствував добро, читај, читај по интернет, на крајот решив да отидам на кардиолог имајќи на ум дека татко ми почина од инфаркт на 58 години. Сѐ беше во ред кардиолошки, па ме пратија на невролог, но никој не ме прати да направам крвна слика иако им кажав дека имам проблем со дебелото црево. После 1 месец повторно почнаа болките, но овојпат беа неиздржливи, до толку што викав на цел глас иако дома живеам сама. Отидов на ургентно, прво помислија дека е уринарен проблем, ми направија крвна слика, а  утредента вечер, повторно во истото време, болките пак почнаа со уште поголем интензитет. Се јавив кај мојот пријател, хирург и му реков дека доаѓам кај нив и не си одам додека не откријат што ми е. Беа тоа неиздржливи, ненормални болки. Тој беше дежурен ноќта, но ме дочека сабајлето и ми кажа: „не ми се допаѓа како ти изгледа стомакот“. Набрзина ме спремија, ме оперираа. Дебелото црево ми експлодирало, туморот пукнал, вистинска каша. Отпрвин не можеле ниту да видат што е проблемот. Дебелото црево било сосема блокирано од туморот голем 6 цм, за кој подоцна прочитав дека за да ја достигне таа големина треба да расте 10 години, а јас само една недела претходно немав добра столица, па незнам дали наеднаш пораснал или растел 10 години, но знам дека имаше симптоми кои требаше да ме натераат да одам порано да го направам потребниот преглед. Но и државата треба да направи нешто. На пример, колоноскопијата после 50 години во Словенија е задолжителна, и таму од 2009-та година постои државна програма наменета за мажите и жените на возраст од 50 до 74 години. Учеството во оваа програма го покрива здравственото осигурување а се состои во редовно тестирање на скриена крв во столицата. Таквото тестирање овозможува откривање и отстранување на полипите односно, откривање на болеста во самата почетна фаза кога е таа целосно излечива.

Излегов од болница после 5 дена, не можев да доседам 8, колку што требаше, а кога се вратив за да ми ги извадат конците, ја слушнав и дијагнозата – рак на дебелото црево, трет стадиум, зафатени се околните лимфни и крвни садови. Морав да почнам со хемотерапија.

Мислам дека кога ќе се слушне ваква дијагноза, на човек во секунда му се менува карактерот. Барем кај мене беше така. Не велам дека е лесно да се прифати ваква дијагноза, напротив, многу е тешко, но од тој момент наваму јас комплетно се сменив. Не се нервирам повеќе за ништо. Можам да се насекирам за некој близок, за сестра, мајка, на пример, се секирам кога гледам колку е растргната сестра ми трчајќи од работа кај мене, па кај мајка ми, но ништо друго не може да ме изнервира. Ништо друго не е важно. Точно е дека пациентите со рак стануваат себични, но според мене, тоа е позитивно, па сметам дека и тие што не се болни треба прво да се гледаат себеси, а потоа сите други. Ако порано ми сметало тоа што има многу ѓубре наоколу, ако сум била премногу нервозна и под стрес, сега веќе ништо не ми е важно. Дефинитивно сметам дека и стресот има големо влијание врз појавата на ракот, па апелирам до сите да се трудат да се смират себеси и да не дозволуваат да бидат постојано под стрес.

Превенција и само превенција

Иако, според возраста на луѓето со кои контактирам откако дознав дека имам рак, членови на една американска група за пациенти болни од рак на дебело црево, ниту задолжителната колоноскопија за пациенти над 50 години веројатно не е решение. Имено, меѓу пациентите од Америка има многу помлади луѓе. Како и да е, многу помагаат контактите со луѓе кои ја имаат истата мака, ама за жал, кај нас болните од овој вид на рак како да се кријат под земја. Не знам која е причината за ова, можеби им е непријатно со оглед на тоа што повеќето од нив, по операцијата на дебелото црево завршуваат со стома во која е врзано цревото, а со која можат да се случат многу незгоди. На пример, може да им пукне (и со која е тешко да се прилагодиш физички и психички). Кај мене барем од тоа немаше потреба или пак имав среќа да ме оперира добар хирург кој успеа да го затвори дебелото црево иако ми е скратено за 20 цм. Сигурно дека стомата е дополнителен проблем и животот со неа е многу потежок, но животот е мил, па дури и оние на кои и после една година не може да им се затвори дебелото црево, туку мораат да живеат со стома до крајот на животот, на крајот се навикнуваат на сѐ.

Хемотерапијата, и лек и отров

Сега се лекувам. Еден ден примам течна хемотерапија со оксалиплатин, која е многу јака па сите се жалат, но ако на други им е лошо 4-5 дена, мене ми е лошо цели две недели, затоа што 14 дена примам таблети. Потоа се прави една недела пауза и потоа сѐ од почеток. После шестата хемотерапија треба да ме снимаат, но веќе ми кажаа дека веројатно ќе ми требаат 8.

Хемотерапијата е лек, но и отров па така, има многу последици. Многу ми помогнаа членовите на групата со некои совети кои ми беа неопходни додека ги примав првите две хемотерапии. На пример, ме советуваа неколку дена по терапијата да го отворам фрижидерот со ракавици, да користам пластични вилушки и лажици наместо метални и други нешта. Имено, првите денови по хемотерапијата не смее да се пипне ништо ладно, нервите се оштетуваат. Делува и на мускулите и нервите во грлото па после и за време на хемотерапијата не можам да се напијам ниту нешто што е на собна температура, а не пак поладно. Можам само млаки течности, секако, и тоа само кога немам мачнини. Ако се напиеш ладна вода или ако допреш нешто ладно, чувствуваш како струја да те удрила, се оштетуваат и нервите на прстите на рацете и на нозете, кај некои и трајно.

За време на втората терапија, уште додека ја примав течната доза, веднаш почнав да чувствувам последици во грлото, и при крајот почнаа рацете да ми се тресат, мускулите да ме болат, видот ми се замагли, навистина страшно чувство.

Од оваа терапија косата многу малку паѓа, но верувајте дека во ваква состојба таа е најмалиот проблем. Подобро нека падне целата, но да поминам полесно. Во моментов правиме пауза поради лекување на хеликобактерот бидејќи ме болеше и желудникот па решија прво да го излечиме ова па да продолжиме со хемотерапија.

Пораката на Сања

Сакав да го кажам сето ова заради сите луѓе, за да се подигне свеста кај луѓето за превенција, па над 50 години сите да го направат барем  оној првичен тест за скриена крв во изметот, дури и ако немаат никаков проблем. Подготвив и еден флаер, па предлагам да се најде некој што ќе помогне да биде испечатен и барем на овој начин да се обидеме да влијаеме на зголемување на превенцијата. Сакам да ставам акцент на превентивата затоа што посакувам и мене некој пред две години да ми кажеше дека од полип настанува рак, дека не е страшна колоноскопијата и дека постои опција да се направи со анестезија, или барем некој да ми го споменеше тој тест за скриена крв во столица, сакам повеќе да се зборуваше за тоа. Сите зборуваат за рак на дојка, а за другите типови рак, многу помалку се зборува, па логично е што има многу помалку информации.

Јас чувствував толку голем замор што мислев дека сум депресивна и дека е тоа дел од периодот низ кој минувам, климаксот, всушност, имав неколку од набројаните симптоми, но сепак одбивав да верувам дека токму мене може да ми се случи тоа.

Не знам дали е генетски, но кога еден член на семејството има рак на дебело црево, им се советува на најблиските да се проверат и самите. Многу е битна и храната, пред сѐ, редовна исхрана. Јас не се хранев редовно, напротив, јадев еднаш во денот. Сега јадам на секои два часа по малку, токму како што велат дека треба, но сега е сѐ – пост фестум“, ја заврши Сања својата приказна за болеста.

Сега, останува само нејзиниот аманет: проверувајте си го изметот, одете на колоноскопија после 50-тата или порано, ако имате сомнителна столица и хранете се здраво. Нам ни останува одлуката, дали ќе ја послушаме. Секако, останува и државата да поработи на воведување скрининг за рак на дебело црево.