Во случај се уште да не сте го виделе на ТикТок рецептот за овој десерт со јаболка, мед и лиснато тесто – ви носиме едноставен рецепт за негова подготовка, како и дополнителни идеи за тоа како можете да го направите поинтересен
ТикТок го зафати уште еден тренд на слатка храна. Овој пат можете да бидете безгрижни, нема чудни состојки или уште почудни комбинации, тоа е едноставен десерт кој секој може да го направи од само 3 основни состојки.
Станува збор за превртени мини пити со јаболка, односно поедноставена верзија на популарниот француски десерт Tarte Tatin. За оваа верзија на TikTok потребни ви се само јаболка (добро е да изберете кисели, за десертот да не биде премногу сладок), течен мед и лиснато тесто купено во продавница.
Дополнителна состојка може да биде едно јајце кое се користи за премачкување на лиснатото тесто, но според нас тоа не е ни потребно бидејќи така всушност се мачка оној дел од тестото што ќе биде свртен надолу при сервирањето.
Лиснатото тесто се сече на правоаголници со димензии приближно 7х15 см, а јаболката се сечат на тенки кришки. Во голем плиток плех се става хартија за печење, на шест места се става малку мед на хартијата и се размачкува, а врз тоа се редат по 6-8 тенки кришки јаболко.
На јаболката оди уште малку мед, а потоа врз нив се ставаат правоаголниците од лиснато тесто и лесно се притискаат за подобро да се сместат јаболката и медот. По желба, лиснатото тесто пред печење може да се премачка со изматено јајце. Печете 12 минути на 170 степени.
Откако ќе се извади од рерна, колачот се превртува и се служи! Навистина не може да биде поедноставно! Брзиот десерт е во вашата чинија за 15 минути, а може да послужи и како одличен сладок појадок.
Секако, доколку сакате да го збогатите вкусот на ова брзо и едноставно колаче, во јаболката можете да додадете малку цимет и/или морско оревче, сечкани ореви или лешници, сончоглед или сусам, а наместо мед можете да користите сируп од јавор или агава. Можностите се бесконечни!