Преспанско езеро, кај отиде, кај се запусте? Со езерото ќе исчезнат и сите вкусни рипки за кои сѐ уште се оди во Стење

14.043

Ако сакаме и натаму да уживаме во овие преспански специјалитети, неопходно е трите држави кои го делат Преспанското езеро, заеднички да најдат начин за ублажување на проблемот, односно, за повлекувањето на езерото, за кое експертите предвидуваат дека може сосема да исчезне за околу 50-60 години

Ако не сте биле одамна во Преспа, погледот на Преспанското езеро кое изгледа како да си заминало оттука, може, ако сте малку поемотивни и да ве расплаче.

Особено ако го памтите времето кога езерото и плажите биле полни, а сега, во екот на летната сезона ќе видите само два-три чадори за сонце и една мала група луѓе кои од терасата на блискиот ресторан изгледаат речиси како точки додека чекорат низ езерото, веројатно обидувајќи се да стасаат до некој дел во кој тоа ќе им стаса барем до вратот.

Очигледно, за да се дојде до таа длабочина треба доста да се чекори.

Имено, моменталната длабочина на езерото e само 10-11 метри, а со оглед на тоа што во просек, секоја година се намалува по околу 18 сантиметри, за околу 50-60 години може да се случи најголемиот дел од него, односно, околу 90 отсто, значи, речиси целото езеро да исчезне од мапата на природни езера.

Експертите го поткрепуваат ова врз основа на сегашниот тренд на намалување на нивото на езерото, кое во изминатите неколку децении изгубило речиси половина од неговиот волумен или, како што вели еден жител на Стење, поточно, Васко Несторовски, готвач од тамошниот ресторан – речиси колку две дојрански езера.

Мештаните велат дека иако водата во езерото се повлекува веќе со децении, последните години тој процес е толку алармантен што се гледа како езерото го снемува пред нивните очи.

Логично, со водата се намалува и бројот на неговите жители.

Да, да, меѓудругите и на оној познат преспански крап за коj луѓето сѐ уште доаѓаат специјално тука, но и преспанските белвици кои откако ќе се подготват на традиционален начин и ќе се нанижат во низи како црвени пиперки, стануваат циронки, еден од специјалитетите по кои е познат овој крај.

Порано, во секоја куќа во селата Стење и Коњско, преку летото имало барем по 50 низи циронки кои се сушат и потоа, се консумираат во текот на годината, без оглед дали е време за појадок, за ручек или за вечера, дури и по неколку пати неделно.

Циронките се подготвуваат такашто без да се исчистат, рибите се солат обилно со крупна сол, па се редат во буре или во некој друг широк и длабок сад. На крајот се покриваат со големи листови од лобода и се потиснуваат со камења.

Се оставаат во бурето околу една недела, а потоа се нижат на конец, слично како и пиперките и се сушат на сонце.

Ова се прави токму во овој период кога има најјако сонце.

После подготовката, откако добро ќе се исушат на сонце, тие се ставаат во хартиени кеси и на тој начин можат да стојат цела година.

Најинтересното во целиот процес на подготвувањето на циронките е тоа што рибите не се чистат од внатрешните органи и кожата. Чистење се прави кога се започнува со подготовките за конзумирање.

Имено, откако ќе се скинат од низата, циронките се печат на плотна, па се ставаат во вода да омекнат малку и се чистат од лушпата, а откај гркланот се вадат цревата.

Можат да се јадат така, или да се подготват со лукче, со маслиново масло, црвен пипер и магдонос. Вториот начин е да се пропржат на маслиново масло, повторно со лукче и пиперче и да се сервираат со магдонос.

Освен што се вкусни, циронките се и здрави за јадење.

Благодарение на честата консумација на циронки и на свежи риби од ова езеро, тврдат нашите соговорници, жителите од овој крај се долговечни.

Циронките со топло лепче и лук секогаш биле присутни на нивните трпези, исто како и крапот, кралот помеѓу слатководните риби. 

Нутриционистички, тој е вистински благодет за нашето тело; содржи неверојатна количина на витамини и минерали, а она што треба да се нагласи е дека ова месо е богато со протеини кои содржат многу вредни амино киселини.

Па сега, ако сакаме и натаму да уживаме во овие преспански специјалитети, неопходно е трите држави кои го делат Преспанското езеро, Македонија, Албанија и Грција, заеднички да најдат начин за ублажување на проблемот, додека сосема не исчезнало.