Првата бомба пукна во Прилеп, цветната револуција на Слоу фуд се рашири низ цела Македонија

Фото: ООУ „Петар Поп Арсов“, Скопје
352

Учениците од повеќе од 50 училишта во Македонија, денес (21.март), на првиот ден од пролетта, фрлаат цветни бомби.

Цветната офанзива во организација на Слоу фуд е успешна, а територијата на Македонија избомбардирана со цветни бомби. Последиците ќе бидат очигледни и на бомбардираните подрачја ќе пораснат преубави ливадски цвеќиња кои не само што убаво ќе мирисаат, туку ќе помогнат за опстанок на пчелите и ќе придонесат за биодиверзитетот во нашата земја.

Подготовките на муницијата за пролетната офанзива, велат организаторите од Слоу фуд Прилеп, започнала токму од револуционерниот Прилеп, кадешто првите цветни бомби годинава ги изработиле учениците од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ со нивните гости-учениците од ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ од Кичево и нивните гости од Полска.

„Со глинеста почва, хумус, вода и семе од медоносни и репелентни цвеќиња невен, џунџуле и зинија замесивме педесетина бомби кои ќе бидат расфрлани денес“, рече Филип Димкоски, од училишните градини на Слоу фуд.

Бомби беа приготвени од децата и учениците од многу училишта низ државава, но и од други организации и здруженија. Станува збор за иницијатива на „Слоу фуд Македонија“, наречена „Пролетна офанзива 2024: Фрли цветна бомба!“.

Целта е преку расејување различни фуражни, цветни и зачински растенија, кои имаат медоносни и репелентни својства, да се придонесе за зачувување на пчелите и за зачувување на биодиверзитетот во нашата држава.

Благодарение на оваа иницијатива, денес, на денот на пролетта речиси цела Македонија е „нападната“ од цветни бомби.

Учениците од скопската гимназија „,Јосип Броз Тито“, заедно со членовите на Слоу Фуд Водно им ги делеа подготвените цветни бомби на случајните минувачи во центарот на градот.

Офанзивата е во тек!