Работилница за кисел леб, приказна за планинскиот чај… Фестивал на биодиверзитетот, од корен до трпеза

73

На 4 октомври, во Јавна Соба, од 10 до 18 часот, по четврти пат ќе се одржи На фестивалот на биодиверзитетот на кој ќе учествуваат 25 мали производители од цела Македонија, ќе има и одлична работилница на која ќе може да се научи како се прави леб од кисело тесто

Оваа сабота, на 4 октомври, во Јавна Соба, од 10 до 18 часот, Слоу Фуд Водно со поддршка од Слоу Фуд Македонија, по четврти пат го организира Фестивалот на биодиверзитетот – празник на автентичноста, локалното производство, здрави корења и полни софри.

Ова ќе биде ден кога храната ќе раскажува приказни за зачувани сорти, за вредните раце што нежно ги негуваат, и за трпези кои се полнат со добра, чиста и правична храна.

Овојпат, во фокусот ќе биде планинскиот чај, чиешто мирисно и лековито богатство ќе ни го открие Самет Абдули од Ростуше, Маврово – чувар на традицијата и раскажувач на билкарските тајни на планината.

Бостание, нашата општествена градина, преку работилница ќе воведе во светот на семенските топки – мал, но моќен начин за враќање на природата во нашите животи.

За најмладите посетители, точно напладне, магијата ќе оживее преку Кристијан, магионичарот, кој со својот едукативен настап ќе покаже дека и храната може да биде вистинска магија.

Артисан пекара Пан Пан ќе одржи работилница за кисело тесто, каде љубителите на автентичен леб ќе имаат можност да научат како да создадат свој, „жив леб“, кој расте полека, но со душа.

Целта и оваа година е јасна: поддршка за малите производители, кои ја чуваат традицијата, но смело чекорат со современите вредности и трендови.

На фестивалот ќе земат учество 25 Слоу Фуд производители од цела Македонија, носејќи со себе вкусови, мириси и приказни од различни краеви на земјата.