Рецепти со чичоки: Салата , прилог, вариво,…

Фото: Фејсбук
100

Денес чичоката (Helianthus tuberosus L.) е високо рангирана на листата на здрава храна. Всушност, таа е најефтината здрава намирница која сѐ уште може да се најде по пазарите и заради јадливиот корен се култивира ширум светот. Имаме неколку идеи како да ги консумирате, освен свежи, наместо јаболко

Чичоки, трупки, рокчиња, кркушки,или како што уште се викаат-диви компири или ерусалемски артичоки, се нешто што многу го јадевме како деца.

Тогаш не знаевме дека крупните и слатки кртоли се богати со многу хранливи и корисни состојки, но веројатно знаеше мајка ни која ни ги купуваше од пазар.

Денес чичоката (Helianthus tuberosus L.) е високо рангирана на листата на здрава храна. Всушност, таа е најефтината здрава намирница која сѐ уште може да се најде по пазарите и заради јадливиот корен се култивира ширум светот.

Иако изгледа слично на ѓумбирот, за разлика од него, има сладок и благ вкус. Во продолжение ве очекуваат рецепти со чичока.

Покрај тоа што содржи одредени витамини од групата Б, содржи и влакно инулин, кој делува како пребиотик, односно ги храни нашите добри цревни бактерии. Од минералите, содржи најмногу калиум, а потоа железо, калциум, магнезиум и фосфор.

100 гр чичоки содржат околу 73 калории, 17 гр јаглени хидрати, околу два грама протеини, а речиси и да нема масти.
Ако се прашувате како да ги јадете, има многу варијанти. Можете да ги јадете сирови, наместо јаболко или да ја додадете во салати, а можете и да ја готвите, пржите или печете, а во некои земји и ја закиселуваат.

Рецепти:
Кога станува збор за јадења со чичоки, рецептите може да вклучуваат крем супи, пиреа, салата или чипс. Рецептите се едноставни и лесни за правење.

Важно е да знаете како да ги исчистите коренчињата. Треба добро да се измијат под вода, а слободно користете четка за да ја отстраните целата нечистотија од кората. Кората може да се јаде, но ако сакате да ги јадете без кора, излупете ги. За полесно да ја отстраните кората, бланширајте го коренот во врела вода околу две минути, а потоа потопете го во ладна вода или коцки мраз, што ќе го олесни лупењето.

Салата со сирови чичоки

Состојки:
300 гр свежи коренчиња
1 рендан морков
1 јаболко (сецкано на парчиња)
сок од лимон
1 лажичка маслиново масло
црн пипер
сол
1 лажичка свежо сечкан магдонос.
Подготовка:
Излупете ги коренчињата (чичоките), исечете ги на кришки и ставете сок од лимон.
Во еден сад измешајте ги коренчињата, морковот и јаболката, па зачинете со црн пипер и сол, маслиново масло и измешајте.
На крајот посипете со магдонос.

Печени чичоки
Овој едноставен рецепт ќе биде одличен прилог за главното јадење, а е идеален и за почетници.

Состојки:
500 гр чичоки
3 чешниња лук (сечкани)
2 супени лажици маслиново масло
2 гранчиња рузмарин
црн пипер
сол
сок од половина лимон.
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 200 °C.
Измијте ги чичоките и исечете ги на четвртинки.
Во еден сад измешајте ги со сите состојки.
Обложете ја тепсијата за печење со хартија за печење и на него распоредете ги состојките.
Печете околу 40 минути.


Чорба од чичока
Доколку сакате нешто топло на лажица, особено во мрачните есенски денови, чичоките ќе бидат одличен избор за чорба.

Состојки:
500 гр чичоки (исечени на коцки)
1,5 л супа од зеленчук
1 сладок компир (исечен на коцки)
1 црвен кромид (сечкан)
2 чешниња лук (сечкани)
половина корен од целер (исечен на коцки)
1 корен од магдонос (исечен на коцки)
1 ловоров лист
1 супена лажица маслиново масло
црн пипер
сол.
Подготовка
На загреано маслиново масло продинстајте го кромидот додека не стане стаклест, а потоа додадете ги морковите, лукот, коренот од целер и магдоносот и пржете неколку минути.
Потоа додајте ги чичоките, сладок компир, ловоров лист, црн пипер и сол.
Истурете ја супата од зеленчук и оставете да зоврие, а потоа намалете ја топлината и оставете да се готви околу 30 минути.
По желба послужете со парче интегрален леб.

Плескавици од чичоки
Конечно, еве уште една идеја за вегетаријански ќофтиња – од чичоки.

Состојки:
500 гр рендани чичоки
1 сладок компир (рендан)
1 црвен кромид (ситно сечкан)
2 чешниња лук (притиснати)
3 лажици брашно
1 супена лажица свежо сечкан магдонос
прстофат куркума
црн пипер
сол
маслиново масло.
Подготовка
Откако ќе ги изрендате слаткиот компир и чичоките, оставете ги во цедалка да се исцедат околу 10 минути. Дополнително исцедете ја водата со рацете.
Потоа додадете брашно (прилагодете ја количината, околу 3-4 супени лажици), зачините, лукот и кромидот и измешајте во компактна смеса.
Формирајте мали плескавици со помош на лажица и пржете ги во маслиново масло околу три минути од секоја страна додека не поруменат.
Извадете ги од тавата и ставете ги на хартиена салфети за да се впие вишокот масло.
Послужете со кисела павлака.