Индустриските сладоледи содржат адитиви и шеќери, но затоа домашниот сладолед може да биде добар меѓуоброк и за возрасни и за деца, веќе од навршена една година
Рецепт за класичен сладолед од ванила
Состојки:
200 мл млеко
200 мл слатка павлака
50 г шеќер
3 жолчки
неколку мешунки од ванила
Подготовка:
Изматете ги жолчките со шеќерот додека не се добие пенаста смеса. Загрејте го млекото со павлаката и мешунките од ванила. Пред да зоврие, извадете ја мешунката од ванила, префрлете во садот со јајцата, мешајќи. Ставете ја смесата да се вари на пареа и мешајте додека не се згусне, внимавајќи да не зоврие. Оставете да се олади, а потоа ставете ја во замрзнувач еден до два часа. Кога кремот ќе се стегне, извадете го од садот, блендирајте на ниска брзина неколку минути. Вратете го во замрзнувачот и повторете го процесот два или три пати во интервали од еден час. Сервирајте украсено со чоколадо и шлаг.
Рецепт за лесен сладолед од кокос
Состојки:
275 мл полномасно кокосово млеко
350 мл свежа павлака
2 јајца
2 жолчки
5 мл / 1 лажичка екстракт од ванила
50 г шеќер
сол
За декорација:
50 г кокосово брашно, пржено додека не добие златно-кафеава боја
гранче нане
Подготовка:
Варете ги полека кокосовото млеко и павлаката на средна температура 5 минути. Изматете ги јајцата, жолчките, ванилата, шеќерот и солта. Ставете длабок сад врз поголем сад со врела вода. Истурете ја смесата од јајца во длабокиот сад и полека додадете ја и топлата смеса од кокосово млеко и павлака. Промешајте и гответе на пареа додека смесата не се згусне доволно за да не паѓа од лажицата. Тргнете од оган. Мешајте повремено додека смесата се лади. Кога доволно ќе се олади, ставете ја во замрзнувач 1 час. Извадете од замрзнувачот, блендирајте додека не добиете кремаста смеса и вратете ја во замрзнувачот додека не се стврдне. Сервирајте во чинии, наросено со пржено кокосово брашно и со гранче нане.