Рециклирање на македонски начин!

Фото: Арт кујна
62

Кај нас, пластика не само што се фрла во обичните контејнери за отпад, туку се фрла по улиците, по реките и ливадите, а еве, дури и ако ни постават машини за рециклирање како оваа во ТЦ Лептокарија, ние знаеме како да ги средиме и нив. Многу нѐ бидува, нели?

Луѓето ќе купат стан и потоа, вратата од нивниот стан станува портал во друга димензија. Кога се внатре, тие се во својот сопствен универзум. Надвор од него, може да има брда и планини од ѓубре, сѐ додека е станот чист, тоа не ги засега.
Гледаме контејнери оставени отворени на улица, а од нив се прелева ѓубре. И сеедно, дури и ако е преполно, ретко кој ќе тргне да бара празен контејнер, ќе си ја стави полната кеса до преполнетиот. Потоа доаѓаат луѓето кои бараат богатство во туѓото ѓубре и неретко, наоѓаат, секако, богатство во онаа смисла во која она што е ѓубре за едни, може да е богатство за други.

На пример, неотворено пакување храна со поминат рок, парче стар леб или облека која некој сметал дека треба да ја фрли во контејнер за отпад, наместо во оние за стара облека поставени на неколку клучни места во градот.

И секако дека за да не биде вака треба да функционираат градските служби и секако, властите мора одговорно да си ја вршат работата и да им служат на интересите на градот и неговите граѓани.

Но, секако дека тоа не е доволно. Дури и тогаш кога сето тоа би било средено како што треба, стапува делот кој се однесува на менталитетот и навиките на луѓето.
Во Швајцарија, ако фрлите шише во контејнер за отпад, ќе ви дојдат на врата за околу 15 минути. Кај нас, пластика не само што се фрла во контејнери за отпад, туку се фрла по улиците, па дури и по реките и ливадите, а ако некого случајно и се дрзнат да го казнат, на социјалните мрежи ќе најдете еден куп критики за комуналните служби. Не велиме дека се добри, ама мора да признаеме и дека не е само до нив. Мајка ми порано велеше, не може еден да чисти, а четворица да растураат! Епа така некако му доаѓа и ова со службите. Не, не е решено ниту едно прашање како што треба, ама и ние луѓето веројатно мислиме дека е добро се додека домовите ни се чисти, а улиците полни со ѓубре.


Рециклирање во остатокот од светот – Има ли надеж за нас?

Дали добрите примери од целиот свет можат да не инспирираат доволно за да се замислиме и да усвоиме примери на добра практика? Важно е да се забележи една многу важна работа – рециклирањето не е само преработка на некои суровини, туку и намалување на нивната употреба, користење на она што би се фрлило, за други цели. За заштита и зачувување на животната средина, сите ние мора да заземеме позиција во тој синџир. Најдобрите примери од остатокот од светот ни кажуваат дека можеме да ја промениме состојбата во екологијата и како поединци и како организации, и дека во многу случаи таа е дури и исклучително профитабилна. Да, има многу креативни и успешни примери за собирање и рециклирање отпад, но овој тука сигурно не е еден од нив.