Сакате праскички?

964

Многумина ги потсетуваат на детството, а мене на Соња Савиќ и на филмот „Шеќерна водичка“. Како и да е, го имаме рецептот за овие колачи во улога на праски. „Хочете бресквице“?

Многумина овие колачи ги потсетуваат на детството, но не и мене. Не ги правеа ниту мајка ми, ниту баба ми, па можеби затоа мене ме потсетуваат само на легендарната српска актерка Соња Савиќ (1961-2008) и на филмот „Шеќерна водичка“. Во филмот глумеше девојка која пред пластичната операција на носот на медицинскиот персонал во болницата му нудеше „бресквице“. Беа тоа вистински свежи праски, ама мене и овие лажниве ме потсетуваат на сцената од филмот. Па затоа, еве, ако сте и вие обожавател на филмот или на праски или на праски во форма на колачи, го имаме рецептот. „Хочете бресквице“?

Состојки:

За тестото:

2 јајца
½ шолја шеќер
1 пакетче ванилин шеќер
¾ шолја растително масло
½ шолја млеко
3,5 шолји брашно
½ лажичка прашок за пециво

За филот:

4-5 лажици џем од кајсии
1 лажичка екстракт од рум
1 лажица какао во прав

мелени јаткасти плодови по избор
1 лажичка мек путер или млеко по потреба

За бојата:

црвена и жолта прехранбена боја
1 шолја вода поделена
1 пакетче ванилин шеќер поделено

Приготвување:
Од сите состојки за тесто се замесува меко тесто, од кое се прават топчиња кои треба да се со иста големина.
Топчињата се редат во плех обложен со хартија за печење и се печат во рерна 30 минути на 180 степени.
Откако ќе се изладат, со лажица убаво им се вади средината која се меша со другите состојки сѐ додека се добие кашеста смеса – фил.
Потоа половина од топчињата се макнуваат во едната растворена боја, а другата половина во другата. Добиените обоени половинки од праските се лепат едни со други (една половина жолта и една половина црвена) со помош на приготвениот фил и потоа се прпелкаат во шеќер во зрнца.