Нова анализа покажала дека дури и мали дневни количини на преработено месо, газирани пијалaци и транс масти кои се наоѓаат во многу печива, грицки и брза храна, значително го зголемуваат ризикот од дијабетес тип 2, срцеви заболувања и рак на дебелото црево
Знаеме дека виршлите се брзи, евтини и децата ги обожаваат. Ништо не може да нè освежи подобро од ладен газиран пијалак во текот на летото, а чипсот е неопходен пред телевизорот. Никој не очекува одеднаш да престанеме да го јадеме она што го сакаме.
Но, новите научни откритија нè предупредуваат да размислиме за момент: колку навистина е потребно за нашиот организам да почне да страда?
Нова студија објавена во престижниот магазин Nature Medicine носи загрижувачки заклучоци: дури и мали количини на преработено месо можат да го зголемат ризикот од сериозни болести како што се рак, дијабетес тип 2 и срцеви заболувања. Во истата ризична категорија спаѓаат и газираните пијалаци со додаден шеќер, како и индустриските транс масти кои често се наоѓаат во грицките и во пекарските производи.
Една виршла дневно – 11% поголем ризик од дијабетес
По анализата на повеќе од 60 претходни студии, експертите утврдиле дека редовната консумација дури и на мали количини од овие намирници значително го зголемува ризикот од развој на хронични заболувања. На пример, луѓето кои јаделе само една виршла секој ден имале:
11% поголем ризик од дијабетес тип 2
7% поголем ризик од рак на дебелото црево
Слично на тоа, пиењето една лименка газиран пијалак дневно било поврзано со:
8% поголем ризик од дијабетес тип 2
2% поголем ризик од исхемична срцева болест
Овие резултати дополнително ги потврдуваат претходните наоди дека прекумерниот внес на црвено месо и шеќер може да придонесе за појава на рак, особено кај помладите луѓе.
Не постои „безбедна количина“ на преработено месо
Главниот автор на студијата, д-р Демевоз Хејли од Институтот за здравствена метрика и евалуација во Сиетл, истакнал дека дури и умерениот внес на овие намирници не е без ризик.
„Навики како што се секојдневно консумирање на преработено месо, шеќерни пијалаци и транс масти се поврзани со зголемен ризик од дијабетес тип 2, коронарна срцева болест и рак на дебелото црево. Преработеното месо вклучува производи како сланина, колбаси и шунка, кои обично се конзервираат со солење, чадење или сушење. Во нашата анализа, дневниот внес од околу 57 грама (приближно со големина на виршла) беше доволен за да се зголеми ризикот од овие болести“, вели д-р Хејли.
Кога станува збор за газирани пијалаци, дневниот внес од околу 390 мл бил поврзан со најмалку 8% поголем ризик од дијабетес тип 2 и 2% поголем ризик од срцеви заболувања.
Транс мастите исто така го зголемуваат ризикот
Индустриски произведените транс масти, кои се наоѓаат во многу печива, грицки и брза храна, исто така имаа негативно влијание врз здравјето. Дури и мали количини биле поврзани со најмалку 3% зголемен ризик од исхемична срцева болест.
„Фокусот беше ставен на транс мастите присутни во производи како што се крофни, колачиња, пецива, пржена храна и чипс“, објаснил д-р Хејли.
Наместо забрани – реални, поздрави избори
Заклучокот на експертите е јасен: колку помалку преработено месо, засладени пијалаци и индустриски транс масти – толку подобро за здравјето. Иако понекогаш не можеме целосно да ги избегнеме овие намирници, секоја одлука да ги замениме со поздрава алтернатива на долг рок значи – помал ризик и подобро здравје.
Секако, од време на време сите посегнуваме по виршла, сок или пециво „од нога“. Во современото темпо на живот, не е секогаш лесно да се избере идеалното и совршено здраво. Но, поентата не е во строгата забрана – туку во свеста. Секоја мала промена, секој избор кон поздрава исхрана, значи еден чекор помалку кон хронични болести. И затоа не мора да бидеме совршени – само треба да бидеме повнимателни со себе.