Само неколку капки од оваа состојка ќе го направат чајот уште посилен сојузник на здравјето

Фото: Pexels
92

Антивоспалителните својства на чајот играат важна улога во поттикнувањето на варењето, здравјето на цревата и кардиометаболното здравје

Без разлика дали редовно уживате во пиењето шолја чај или го користите само кога сте настинати, едно е сигурно, а тоа се неговите здравствени ефекти.

Имено, антиинфламаторните својства на овој напиток играат важна улога во поттикнувањето на варењето, здравјето на цревата и кардиометаболното здравје.

Чајот има мноштво придобивки благодарение на антиоксидантите, соединенија кои помагаат во намалување на оксидацијата и воспалението во телото преку чистење на слободните радикали кои можат да се наталожат со текот на времето и да предизвикаат болести.

Тајната состојка која ќе ги зачува антиоксидантите во чајот

Самиот чај содржи антиоксиданти, но постои уште една намирница која помага да се зачуваат овие соединенија во вашата шолја.

Секако, станува збор за цитрус, поконкретно за сок од лимон, а неговата моќ ја потврди и оваа студија која го истражуваше ефектот на сокот од лимон врз мате чајот, познат како јерба мате чај.

Истражувачите откриле дека додавањето сок од лимон и разладувањето на чајот ја зголемуваат неговата антиоксидантна активност.

Потрошувачите исто така велат дека претпочитаат чај подготвен на овој начин, наместо обичен чај. Претходните истражувања покажале дека додавањето на аскорбинска киселина, позната и како витамин Ц, која е една од двете киселини во сокот од лимон, во зелениот и црниот чај, исто така, помогнало во зајакнувањето на антиоксидантите во напитокот.

„Додавањето лимон во чајот може да ги направи антиоксидантите како катехините постабилни и способни да се апсорбираат од телото. Со други зборови, лимонот делува како природен конзерванс за антиоксидантите на чајот“, објаснила за EatingWell нутриционистката Патриша Банан.

Катехините кои припаѓаат на подгрупата полифеноли, попознати како флавоноиди, се особено корисни за време на дигестивниот процес, а како што објаснува научникот Тејлор Валас, катехините се релативно нестабилни во некисели средини, како што е тенкото црево, па затоа витаминот Ц и соковите од цитрус комуницираат со катехините за да се спречи нивното распаѓање.

Како да се зголеми апсорпцијата на антиоксиданти во чајот

За да го извлечете максимумот од комбинацијата на чај и лимон, обидете се со следново:

Користете свеж сок од лимон. Тој содржи највисоко ниво на витамин Ц.
Чувајте ја температурата на чајот не повисока од 71 °C за да ги зачувате и антиоксидантите и витаминот Ц во лимонот.
Додадете го лимонот откако чајот ќе се олади, така ќе ги зачувате антиоксидантите во сокот од лимон за да можат да си ја завршат работата.
Избегнувајте додавање млеко во чајот.

Можеби Англичаните го прават тоа, но немојте вие.

Истражувањата покажуваат дека додавањето млеко во чајот може да го промени антиоксидативниот капацитет на чајот.