Шопска салата, балкански кавги! Чија е таа песна, тој ајвар, таа салата…

Фото: Freepik
122

Шопската салата на познатиот тик-токер Логан, со милион прегледи на Тик-Ток, предизвика кавга меѓу балканските народи: „Кој те излажа дека е бугарска?“

„Ој ти Пацо Дреновчанке“ е македонската верзија од песната за која секој народ на Балканот вели дека е негова и е главна тема на бугарскиот документарец „Чија е оваа песна?“ Кога станува збор за Балканот, нешто слично се случува и во гастрономијата. Така, ајварот е вековен извор на расправии кај Балканците, а неодамна слична расправија се разви и околу шопската салата.

Имено, шопската салата е традиционално јадење на балканската кујна и како национално јадење ја истакнуваме ние, во Македонија, но и Бугарите, Србите, Турците, Грците.

Токму затоа и во коментарите под новото видео на познатиот тиктокер Логан, попознат како Cucumber Guy, се искараа претставници на сите балкански народи.

Сепак, наголем дел од коментарите беа дека шопската салата е македонска. Инаку, Логан, чии рецепти за салати чија главна состојка е краставицата имаат милионски прегледи, ја најави шопската како бугарска салата.

„Бугарска??? Кој те излажа“, „Шопската салата не е по потекло од Бугарија, иако и таму имаат добри салати. Требаше да истражиш пред да објавиш“, „Шопската е од Србија“, „Не, Шопската е од Македонија“, „Тоа е грчка салата само без маслинки“, „Ние Албанците цел живот ја јадеме оваа и се вика sallatë fshati, што во превод значи, селска салата“, „Јас сум Албанец, а салата е македонска“, се дел од коментарите.

За да се реши мистеријата, шопската салата всушност, се смета за наследство од Шопите, припадници на јужнословенските племиња кои ги населувале централните делови на Балканскиот Полуостров во средниот век.

Според Јован Цвијиќ, Шопите живееле на подрачјето на западна Бугарија, источна Македонија, југоисточна Србија, како и на мал дел од денешна Грција.

А еве го и рецептот на Логан кој ја предизвика оваа балканска кавга.

Познатиот инфлуенсер направил мали измени на оригиналниот рецепт за шопска салата, а во продолжение ви пренесуваме инструкции како да ја подготвите неговата верзија.

@logagm

Replying to @niko_gsi making Bulgarian cucumber salad Shopska🥒

♬ original sound – Logan

Рецептот на Логан
Состојки:
две големи краставици
две китки шери домати
зелена пиперка
два млади кромидчиња
маслиново масло
вински оцет
сол, бибер
сирење (полномасно солено сирење)

Подготовка:
Краставицата исечкајте ја на коцки, доматот и кромидот на прстени, а пиперката на ленти и ставете ги во сад. За прелив користете екстра девствено маслиново масло, малку вински оцет, па зачинете со сол и бибер. Затворете го садот и добро протресете.

На крај одозгора изрендајте го сирењето и додадете уште малку масло.